Клиничката болница „Аџибадем Систина“ започнува со тестирање за детекција на коронавирусот (Ковид-19).
Од болницата информираат дека тестирањето се врши единствено со претходно закажување термин преку телефонскиот број 02 3099500, достапен 24/7. Пациентите кои немаат закажано термин за тестирање нема да бидат примени за земање примерок. Пациентите кои ќе дојдат на тестирање треба да носат заштитна маска.
„Тестот кој се користи е високопрецизен брз хроматографски тест за детекција на IgG и IgM антителата кои се создаваат од коронавирусот (COVID-19). Комбинираната употреба на IgG и IgM тестот може ефикасно да детектира присуство на вирусната инфекција или претходен контакт со вирусната инфекција преку имунолошкиот статус на телото.
Овој тест, како нов производ на пазарот, сега се користи речиси во сите болници во Велика Британија, САД, Полска, Србија, Турција, Италија и други земји зафатени од пандемијата на коронавирусот. Научниците го тестирале првично во градот Вухан, во Институтот за вируси во Кина, каде што се потврдил како еден од најефикасните и најбрзи методи за детекција на коронавирусот.
Тестирањето е преку земање примерок од крв, а процедурата на тестирање не трае подолго од 10 минути. Примероците за тестирање на Ковид-19 се земаат во специјален пункт што е целосно одделен од останатиот дел од болницата со цел максимална безбедност и заштита“, се вели во соопштението на „Систина“.
Од болницата велат дека имаат капацитети за вршење 300 тестови дневно, а моментално има набавено иницијална количина од 15.000 тестови.
Цената на тестирање изнесува 1.200 денари.
Работното време на пунктот за тестирање е од 8:00 до 15:00 часот секој работен ден во неделата вклучувајќи ги и викендите. Резултатите се со точност од 92.9% и истите се добиваат два часа по тестирањето на претходно доставената е-маил адреса.