И по ВМРО-ДПМНЕ – СДСМ

Од:

ВМРО-ДПМНЕ пред година и пол замина од власт, катастрофално загуби и на локалните избори, но СДСМ во многу работи продолжи по стапките на претходникот. Иако во име на процедури (а некои велат и незнаење), на огромна своја штета во клучни сегменти се уште на челните и раководните позиции ги оставаат „заслужните“ борци на ВМРО-ДПМНЕ, во однос на фамилијарните тендери, непотизмот, злоупотреби и членување во Управни одбори, „успешно“ ја тераат политиката на претходниците.

Тендерите на сопругата на заменик министерот за екологија Јани Макрадули е последен во низата тендери кои ги земале блиски на партиски функционери. Дел од медиумите пренесоа дека сопругата на Макрадули е еден од сопстевниците на фирмата „Опен мајнд солушнс“, која добила 90 илјади евра за државни тендери од неколку институции. Макрадули тврди дека овде немало конфликт на интереси бидејќи Министерството за животна средина не соработува со фирмата на неговата сопруга, а како што вели Макрадули некој се обидува на злонамерен начин да го дискредитира.

Кон крајот на јануари, ќе се знае дали компанијата „Декодикс“ поврзана со снаата на советничката на Заев, Цветанка Ласкова, има шанси да ги добие 320-те илјади евра од грантот за иновации. И тоа на фирма основана 45 дена пред оглсот. Под притисок на јавноста од грантовите се повлекоа фирмите блиски до вицепремиерот Анѓушев и пратеникот Локвенец.

Јавноста праша, дали на Виенскиот новогодишен концерт, мораше на државна сметка да одат и министерот Асаф Адеми и уште двајца негови соработници. За патувањето на концертот во Виена биле потрошени 2 400 евра, односно по 800 евра за едно лице. Овие трошоци биле за дневници по 118 евра, за хотелско сместување по 420 евра, а за авиобилети по 262 евра за едно лице.

Пред една година, Владата го разреши Александар Донев, директор на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот, поради скап авионски билет за Аргентина. Донев, наместо да ги врати парите во државната каса, реши тие 40.000 денари, колку што изнесува разликата меѓу билет во бизнис-класа и билет во економска класа, да ги уплати за опремување соба за лица со посебни потреби. Тоа не се негови пари, па тој во хумани намени да ги донира, иако никогаш и не ги врати. Разрешувањата завршија на ова.

И покрај најавите и незадоволството и на партиското членство и на јавноста за вработувањата, Заев ги остави сите по кабинетите, за некои и со по неколку членства во Управни одбори, како зајакнување на платите. Ништо нема од најавите дека лидерот Заев издал препорака, сите што имаат сигурно вработување да се откажат од дополнителните приходи, кои некаде се и навистина високи. Ова го запалило црвениот аларм и незадоволството внатре во партијата, каде велат дека е големо. Меѓу себе, јавно говорат дека од оваа привилегија не се откажуваат, бидејќи во опозиционерските денови, со работа ги заслужиле сите привилегии. Незадоволство има кај членството бидејќи одредени функционери извршуваат и по неколку функции, државни и високи партиски. Очекуваат лидерот, по решавање на прашањето на кое единствено се посвети, на ред да дојдат и другите работи во државата, за кои има огромно незадоволство, но и на средување на кадровската политика во своите редови. Во секој случај, нова главоболка за Заев за да ги задоволи сите, но и да стави ред во партијата и да амортизира нечии големи апетити. Сепак, СДСМ беше партијата која како опозиција го критикуваше кумулирањето на функции, непотизмот, крадењето, а ништо не е сменето.

Би можело да ве интересира

ВМРО-ДПМНЕ реагира на пресот на СДСМ: Лага е дека ќе се вработуваат 3000 лица

Петрушевски: Ако Филипче и СДС не го осудат говорот на омраза на Орданоски кон Трамп и САД тие даваат сигнал дека се согласуваат

Кузеска: Историски најголема партизација, 3000 партиски кадри ќе вработи Изет Меџити

Венко Филипче единствен кандидат за претседател на СДСМ за партиските избори на 16 март

СДСМ: Меџити најавува илјадници партиски вработувања, се спрема масовна партизација пред изборите

СДСМ: Власта со месеци не го основа Инспекторатот за употреба на македонски јазик

Катерина Ѓуровски