Хумани луѓе донираа храна за мајката на 12-те деца и покрај хајката дека се измамници

Од:

По објавувањето на приказната за семејството Китановски од скопски Припор, имаше негативни коментари на сметка на мајката на 12-те деца. Ја обвинија дека лаже, дека ја продава подарената храна и дека децата одбивале да работат.

„А1он“ стапи во контакт со донаторите од „Свети Спас“, една од црковните организации кои му помагале на ова семејство. Престанале да и помагаат на Васка откако, според нив, децата одбиле две понуди за работа.

„Во соработка со нашите фирми пријатели, на едно од децата му понудивме работа во градежништвото за дневница од 800 денари, иако дневницата е 600 денари, газдата се сожали и реши да му даде повеќе. Ќерката на Васка требаше да работи во млечен ресторан во Драчево. Ние помагаме на 220 семејства со храна и хигиена од донации од спонзори. Воедно се обидуваме да им најдеме работа преку фирмите со кои соработуваме. Но, кога некој одбива помош ние се повлекуваме, такви се правила на организацијата“, вели отец Петровски.

Даниел Китановски, кој пред камерата на „А1он“ јавно побара вработување, рече дека не можел да прифати таков вид работа затоа што требало да се качува на скеле од 20 метри, а тој им проблем со качување на високо.

„Не бирам јас работа, кажав. Но, ниту сум квалификуван за таква работа, ниту способен на работам на толкава висина. Но, од организација не дојдоа повеќе кај нас, ниту, пак, ми понудија друга шанса“, објаснува Даниел.

Васка Китановска не негираше дека ќерката Даниела добила две понуди за работа, да бере марули во Драчево или да работи во млечен ресторан.

„Кога требаше да тргне на работа девојчето ѝ се разболе и двапати по 15 дена лежеше во болница со детето. Не знам зошто, но отецот од ‘Свети Спас’ потоа не се ни појави, ниту, пак, сакаше да ми се јави на телефон. Не лажам, Господ ми е сведок“, вели Васка за „А1он“.

Покрај негативните коментари, двајца хумани граѓани утрово и излегле во пресрет на Васка со помош во храна и облека за децата. Таа вели дека е благодарна и добредојдена ѝ е секоја помош.

„А1он“ стапи во контакт и со друга црковна организација, чие име не сакаше да биде објавено, а која еднаш месечно му носи храна, хигиенски средства или облека на ова семејство. За нив не е никаков проблем доколку семејството има вишок хигиенски средства, а нема пари за училиште на децата, да продаде дел од помошта.

Васка Китановска живее во трошна куќа во беда и сиромаштија и секој ден води борба со животот како да ги прехрани 12-те деца од кои 7 се малолетни. Не добива ниту социјална помош, ниту детски додаток бидејќи едно од нивните 12 деца работи и зема плата од 10 илјади денари. Пред камерата на „А1он“ упати апел до хуманите луѓе да и помогнат, но и до институциите да се осмелат да и излезат во пресрет за да овие деца имаат колку-толку нормален живот.

Би можело да ве интересира

Отец Оливер Петровски: Околу 700 000 луѓе имаат само еден оброк во текот на денот, половина се деца

А1он

Демократско движење: Додека Владата експериментира, сиромаштијата само расте

Горан Наумовски

Четвртина од населението во Македонија не може да си го загрее домот: Енергетската сиромаштија се зголемува

Орце Костов

Речиси петтина од населението на Хрватска во ризик од сиромаштија

А1он

Прва конститутивна седница на Советот на социјална сигурност

Горан Наумовски

Децата во сиромашни семејства имаат поголем ризик да останат сиромашни, образованието клучно за надминување на оваа ситуација

А1он