Хрватска: Просветителите бараат оставка од министерот за образование

Од:

Во Хрватска денеска се одржува еднодневен предупредувачки штрајк на учителите, наставниците, универзитетските професори, научниците и медицинските сестри, а синдикалните лидери оценуваат дека протестот успеал и истовремено бараат оставка на министерот за наука, образование и спорт Жељко Јовановиќ.

– Во протестот на вработените во обарзованието, науката и здравството учествувале над 70.000 луѓе, изјави Вилим Рибиќ, претседател на Матицата на хрватските синдикати.

Тој на прес-конференција го повика министерот Јовановиќ да поднесе оставка и за следната пролет најави уште поголем штрајк, заедно со синдикатите на вработените во стопанството.

За Јовановиќ истакна дека е „партиски војник и послушник кој не работи за напредок на просветата и науката“, но и дека е уште поголем виновник од него оној кој го именувал на оваа функција.

Аница Прашник од Синдикатот на медицинските сестри и медицински техничари изрази разочарување од однесувањето на Министерството за здравство и раководствата на болниците и здравствените домови, кои на медицинските сестри им се заканувале со откази.

– Кажано им е дека со камиони ќе се донесе персонал од Албанија, нагласи Прашник, оценувајќи дека тоа е напад врз медицинските сестри и слободата на синдикално здружување.

Хрватскиот министер за образование денеска пред владината седница изјави дека за него не се важни податоците колку наставници и професори учествувале во штрајкот, бидејќи за него се поважни учениците и нивното право да имаат настава.

– Преговорите околу измените на Основниот колективен договор се во тек, па затоа штрајкот не беше потребен, додаде Јовановиќ.

Освен отфрлањето на колективниот договор за јавните служби, како причина за штрајкот се најавени и укинувањето на додатоците на плати, намалување на средствата за образование и наука во државниот буџет, намалување на платите на учителите и наставниците преку укинување додатоци од три, пет, седум и девет отсто и забрана за вработување нови медицински сестри и техничари, иако според мислењето на нивниот синдикат забележан е голем кусок на овој персонал во здравствените установи.

Би можело да ве интересира

Снег паѓа во Хрватска

А1он

Пленковиќ: Политичката сила ми е на врвот, останувам на чело на Владата

Најмалиот град во Европа има само 30 жители, жив споменик е на историјата и традицијата

А1он

Песимизам во Хрватска: Две третини од граѓаните незадоволни од правецот на државата

Приведен психијатар осомничен за злоставување и дрогирање малолетници

Предраг Петровиќ

Детски психијатар од Осиек со години злоупотребувал малолетни пациенти