Општина Македонска Каменица ќе инвестира околу 160 илјади денари за хортикултурно уредување на градот. Како што информира градоначалничката Соња Стаменкова, по спроведената јавна набавка потпишан е договор со фирма од Струмица за набавка на расаден материјал од декоративни зимзелени и листопадни дрвја и грмушки.
– Планирано е да набавиме 175 садници декоративни четинари, како што се разни видови на туја, смрека, смрча, тиса, хамаеципарис, елка и неколку видови на Чемпреси. Исто така ќе набавиме 124 садници декоративни листопадни дрвја, јавор, бреза, каталпа, липа, врба, магнолија, платан и багрем, но и 95 садници зимзелени грмушки и четинари поволни за жива ограда -берберис, котонастер, жива ограда, бршлен, спиреа, смрека ( пузавец) како и неколку садници на Јапонска дуња. Вкупната вредност на договорот е 159.088 денари, а садниците ќе бидат доделени на Јавното претпријатие „Камена Река“ кое според својот план за пошумување ќе ги засади во градското подрачје. Покрај хортикултурното уредување и разубавување на градот, со новите садници ќе се придонесе и за поздрава животна средина, рече Стаменкова.