Договорот од Преспа е одлично решение за двете земји и ја отвора вратата за поширока соработка на Северна Македонија во Европа што е од посебна важност, изјави за МИА Џон Хербст, директор во Евроазискиот центар во Атлантски совет.
Хербст, кој е поранешен амбасадор на САД во Украина, коментарите за МИА ги даде по повод првата годишнина од потпишувањето на Договорот од Преспа.
На прашањето дали Договорот ќе даде импетус за решавање на преостанатите проблеми во Западен Балкан – нормализација на односите помеѓу Белград и Приштина во однос на Косово, и ситуацијата во Босна, одговори дека Договoрот е преседан.
-Договoрот е преседан и тоа добар преседан. Но, преседаните постојат за оние земји и лидери кои сакаат да се движат во правилна насока. Ако тие не се заинтересирни да се движат во таква насока тогаш преседанот не работи, рече Хербст.
Посочи дека не треба да се вади заклучок од овој мошне позитивен договор и што ќе прави Србија во однос на тоа.
Хербст е убеден дека годинава Северна Македонија ќе стане 30. членка на НАТО со можност да ги почне преговорите со ЕУ.
-Тоа е на агандата и секако дека набргу ќе се случи, но не сум сигурен колку брзо. Има голема можност Северна Македонија годинава да влезе во НАТО, истакна Хербст.
Хербст, заедно со Курт Вокер, специјален пратеник на Стејт департментот за Украина, како и Алина Пољакова од Институтот Брукингс, и Џејмс Карафано од Херитиџ Фондација, синоќа беа сведоци на сослушување пред сенатска Комисија за надворешни работи, на кое се разгледуваа руските активности во Украина на петгодишнината од политичката револуција во земјата.
На сослушувањето беа изнесени ставови на експертите за руската агресија во источна Украина и какви треба да биде следните чекори на Администрацијата на Трамп, за санкциите кон Русија и дали Украина треба да стане членка на НАТО.
Во неколку прилики се истакна важноста за тоа дека вратата за членство во НАТО треба да биде отворена за поголемите и помали земји, како Украина и Грузија, кои играат голема улога во безбедносната структура на алијансата во Европа во однос на руските злонамерни активности.
Како пример се истакна улогата на нашата земја со Договорот од Преспа и зачленувањето во НАТО.
-Сега кога Северна Македонија е тргната од маса, време е да се дискутира за следниот круг на проширување. Од Северна Македонија научивме добра лекција – дека малите земји можат да решат сложени прашања со цел вклученост во колективната безбедност и прогрес, и тоа потврдува дека проширувањето на НАТО има иднина, порача Карафано.
Претседавачот со Комисијата, сенаторот Рон Џонсон, републиканец од Висконсин, во заклучното обраќање укажа на позитивниот ефект од проширувањето на НАТО.
-Позитивното влијание на овој процес е присутен. Во својот обид да се придружат, многу земји од Источна и Централна Европа започнаа реформи, тоа го видовме и со Северна Македонија и Договорот од Преспа, истакна сенаторот Џонсон.