Хелсиншкиот комитет за човекови права континуирано алармира за меѓу-осуденичкото насилство, кое често се случува во казнено поправните установи, што многу често се должи на немањето доволно затворски персонал, но и на недоволно обучениот затворски персонал.
„Иако Националната стратегија за развој на пенитенцијарниот систем 2021 – 2025 предвидува вработување на затворски персонал и негова обука, што секако може да придонесе во борбата против насилството во овие установи, сепак Европскиот комитет за спречување на тортура и нечовечко или понижувачко постапување или казнување во својот последен извештај од 2021 година нотира дека Стратегијата не предвидува распоредување на осудениците во други сместувачки капацитети врз основа на проценка на нивниот ризик и нивните потреби, не го зема предвид третманот на ранливите категории на осуденици, евидентирањето на повредите, но и гонењето на осудените лица кои вршат насилство во казнено поправните установи“, велат од Хелсиншкиот комитет.
„Насилството меѓу осудениците е честа пракса во казнено поправните установи, која не може целосно да се елиминира, но може да се преземат мерки за превенција. Неопходно е надлежните институции да вработат дополнителен обучен кадар во установите, да спроведуваат редовни надзори во установите, навремено да постапуваат по молбите на осудени лица кои се жалат на закани од други осудени лица и бараат преместување во друга казнено поправна установа поради безбедносни причини, но и да преземат мерки да се отстранат сите остри предмети кои може да бидат употребени при физички напад. Во август оваа година, осудено лице во Идризово беше прободено со остар предмет. Истото осудено лице имаше поднесено молба да биде преместено поради закани од други осудени лица, но Управата не го преместила веднаш бидејќи во молбата не биле именувани лицата кои што се заканувале.
Исто така, напоменуваме дека јавните личности со голем публицитет кои издржуваат казна затвор се секогаш поголема ‘мета’ од другите осудени лица, односно се под сериозна закана да бидат нападнати. Денешниот физички напад на осуденото лице Бојан Јовановски говори за тоа колкава е потребата надлежните институции да бидат особено претпазливи кога станува збор за јавни личности кои се соочуваат со закани по нивната безбедност, особено имајќи го предвид фактот што изминатиот период во јавноста се ширеше говор на омраза против ова осудено лице.
Оттука, бараме од Управата за извршување на санкциите и КПД Идризово сериозно да испитаат дали Јовановски имал претходни вербални расправии со други осудени лица, дали побарал преместување во други сместувачки капацитети поради безбедносни причини, дали во овој случај можеби има инволвираност и на припадници на затворската полиција, како и по спроведена дисциплинска постапка, соодветно да ги санкционира напаѓачите“, соопшти Хелсиншкиот комитет.