Специјална хеликоптерка единица на Министерството за внатрешни работи во соработка со специјално обучени лица во планински услови на Дирекцијата за заштита и спасување, денеска напладне го извадија телото на загинатиот битолски планинар кое беше пронајдено во провалија во месноста Големо Езеро на Баба Планина.
Портпаролот на СВР-Битола Магдалена Димитровска потврди дека телото за починатиот П.К. роден 1981 година во Битола е предадено на обдукција во Клиничка болница со цел утврдување на причините за несреќниот настан на Пелистер.
-Утрово околу 03.30 часот во СВР-Битола беше пријавено дека е пронајдено мртво тело на 32 годишниот битолчанец П.К., кое било лоцирано во провалија во близина на Големо Езеро на Баба Планина. Сега веќе починатиот П.К. заминал на планинарење и последен телефонски контакт остварил во текот на вчерашниот ден во 13.30 часот. Неговите родители испратиле пријатели да го пронајдат П.К. и го пронашле во провалија длабока околу 30 метри, истакна Димитровска.
Поради непристапност на теренот претпладнево беше активирана специјална хеликоптерска единица на МВР со тим од кримтехничари и лекар кои го пронајдоа телото, го извлекоа од провалијата и е предадено на обдукција во Клиничка болница, истакна Магдалена Димитровска, портпарол на СВР-Битола.