Северна Македонија направи многу, оценува еврокомесарот за проширување Јоханес Хан во интервју за Дојче веле и објаснува дека секоја земја кандидат за членство во ЕУ ќе биде оценувана одделно врз основа на својот напредок и постигнувања.
Тој не ја исклучува можноста земјава и Албанија да се одвојат од процесот на приближување кон ЕУ.
-Мојата цел е двете земји истовремено да добијат датум за почеток на преговори, затоа што истовремено го претставуваме и извештајот. Но не можам да го предвидам процесот на донесување одлуки во земјите-членки. Факт е дека Северна Македонија направи многу и притоа, не само во рамките на она што ние го баравме, туку исто така и со решавањето на спорот за името, но и со решавањето на билатералниот конфликт со Бугарија. Северна Македонија создаде еден предуслов со што стана единствената земја во регионот која нема конфликт со ниту еден сосед, вели Хан.
На прашањето дали тоа значи дека доколку во Албанија не се постигне некаков компромис, Северна Македонија ќе може да ги отвори преговорите со ЕУ, одговара: Нашиот став отсекогаш е дека секој одделен процес, односно преговорите за проширување, се процес кој се базира врз заслуги и постигнувања на секоја одделна земја. Нема да биде фер доколку една земја треба да чека некоја друга, ако таа не испорачува. Тоа е основата. Секако, би било идеално, кога сите шест (земји од Западниот Балкан, н.з.) се приклучат во исто време, но тоа е нереално. Истовремено, неправедно е некој, кој силно се ангажирал, кој изнаоѓал решенија, кој е подготвен на компромис, кој донесува тешки одлуки, сега да биде казнет, затоа што е подобар.
Хан, како што нагласува, ќе се обидува до последен момент, колку што е можно побрзо да се донесе одлуката почетокот на преговорите да се најде на дневен ред на Европскиот совет.
-Ние не се откажуваме. Ќе се обидувам до последен момент, колку е можно побрзо да се донесе одлука. Сметам дека по тоа прашање ние си должиме себеси, но и на нашите партнери, кога партнерот ќе испорача како што договорил со нас, а од друга страна и ние сме го предложиле тоа како услов, врз основа на едногласна одлука на земјите-членки, тогаш мораме и ние нашето ветување да го испочитуваме, наведува еврокомесарот во интервјуто за Дојче веле.