Претседателот на Собранието на Република Македонија, Трајко Вељаноски денеска го прими личниот претставник на министерот за надворешни работи на Сојузна Република Германија, амбасадорот Јоханес Хајндл.
Како што соопшти собраниската прес-служба, соговорниците размениле мислења во насока на што поскоро решавање на сите пречки што стојат на патот за излез од политичката криза во земјата.
Вељаноски и Хајндл, како што стои во соопштението, се согласиле дека сите политички субјекти треба да го тргнат личниот интерес на страна и да го стават во преден план интересот на државата за доброто на граѓаните. Исто така била нагласена и потребата за итно превземање на решителни чекори за реализирање на забелешките во Извештајот на Прибе со цел земјата да се врати на патот на евроатланските интеграции.
– Двајцата соговорници се согласни дека Парламентот е место каде што треба да се спротистават ставовите и интересите на партиите, клучно место во насока на исполнување на реформскиот процес за остварување на примарната цел, членството во Европската унија и НАТО Алијансата, се додава во соопштението.