Не се направени големи измени во Законот за регулирање на правата за абортус кај жената и измените се за поздравување, изјави денеска директорката на Клиниката за гинекологија и акушерство, Марија Хаџи Лега.
– Новиот законот е еден од најлибералните закони во европските земји дури и полиберален од претходниот закон што е донесен во 1977 година. Законот се донесува од неминовната потреба да се регулираат одредени одредби со оглед на тоа дека стариот закон е донесен во времето на СФРЈ, истакна Хаџи Лега.
Жената, рече таа, има право на абортус, и воопшто не е спречена можноста да одлучи за својата судбина, дали да го роди детето или да ја прекине бременоста. Во новиот закон дури е исфрлена точката каде што се бара и согласност од сопругот за абортус.
– Новина е тоа што треба да има ултразвучна верификација бидејќи секој гинеколог за да одреди и да детерминира дека постои бременост, неопходно е да се направи таков преглед каде што точно ќе се дефинира бременоста дали е во матката или надвор од неа, и би се виделе и евентуално одредени туморски формации во матката, кажа Хаџи Лега.
Втора новина, како што појасни таа, е рокот од три дена што и се дава на жената за да размисли и да потврди дали сака да ја прекине бременоста. Хаџи Лега додаде дека ваква регулатива постои и во други европски држави.