Гувернерот на Народната Банка, Трајко Славески, на страната на ЛДП за намалување односно укинување на дел од високите банкарски трошоци, кои се дополнителен товар на граѓаните. Иако пратениците се глуви, идеите на ЛДП се слушаат и на денешната средба со претставниците од македонските банки, гувернерот Славески им претстави иницијатива за намалување или укинување на банкарските трошоци и изедначување со нивото на ЕУ. Сега на ред се банките, кои ако не постапат ќе мора законски да бидат ограничени. Собранието еднаш имаше шанса и не застана на страна на граѓаните, сега ќе биде повторно на потег, велат од ЛДП.
„Оваа иницијатива минатата година ја покрена ЛДП со низа јавни и медиумски настапи, прес конференции и учества во панел дискусии и трибини. Претседателката на ЛДП и пратеничка во македонското Собрание, Моника Зајкова, поднесе измени и дополнувања на Законот за платежни услуги и платни системи по скратена постапка, но тие не наидоа на поддршка од мнозинството во парламентот.
„Граѓаните не се должни да ги богатат банките на нивна штета. Затоа, значењето за брзо носење на ова законско решение е огромно! Не смееме да дозволиме банките да наплаќаат надоместоци за затворање на платежна сметка, ниту пак надоместоци за затворање на дебитни или кредитни картички – банката е должна веднаш да ја затвори сметката на барање на граѓанинот“, изјави претседателката Зајкова, по ланското поднесување на предлогот.
Измените на законот предвидуваа укинување на плаќањето надоместоци за затворање на сметка, укинување на трошоците за повлекување на пари од други банкомати, онлајн плаќања и проверка на сметки, намалување на трошоците за подигнување на кредити и други предлог мерки за заштита на граѓаните во процесите во банкарското работење.
Претседателката Зајкова тогаш упати апел до сите пратеници од партиите во македонското собрание да гласаат и да го поддржат овој предлог-закон, со единствена цел – обезбедување праведен банкарски систем и заштита на интересите на граѓаните.
Славески на денешната средба изјави дека Народна банка го прави првиот чекор со намалување на надоместоците што банките ги плаќаат за користење на услугите на МИПС, како што се надоместоци за долговниот промет и дека очекува и банките во најкус можен рок да ја ревидираат висината на надоместоците за извршување на плаќањата за граѓаните и компаниите и истата да ја постават на разумно ниво“, нагласуваат од партијата.