Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ во оставка, Никола Груевски по одложување на рочиштето за „Траекторија“ пред медиумите повторно изјави дека не се чувствува виновен.
Тој во овој случај е обвинет за злоупотреба на службената положба и овластувања за лични цели во постапката за избор на компанија за изградба на автопатните делници Миладиновци – Штип и Кичево – Охрид.
– Сѐ што направивме е согласно законот и е поминато на седница во Собранието, рече Груевски.
Тој рече дека заедно со сопартијците Јанакиески и Пешевски е обвинет за нешто што Владата на СДСМ го направила во минатото, но и сега го прави.
-Во минатото имаме случај каде што при изградбата на хидроцентралата „Козјак“, на исти начин и во иста постапка владата на СДСМ, земала кредит од Кина и ја исфинансирала градбата на „Козјак“. Сега кога повторно дојде на власт СДСМ, на исти начин и во иста постапка се направи анекс на договорот, а тој анекс се преточи во закон за потоа да помине во парламент. За нешто што се правело во минатото, се прави и сега, ние сме обвинети, па сега видете, рече Груевски.
Поранешниот вицепремиер за економски прашања, Владимир Пешевски ги избегна камерите без коментар за судењето и текот на постапката.
Во случајот „Траекторија“, заедно со Груевски обвинети се и вицепремиерот Владимир Пешевски, ексминистерот за транспорт и врски, Миле Јанакиески и поранешниот директор на Агенцијата за државни патишта, Љупчо Георгиевски. Според обвинението што го покрена СЈО, тие му нанеле штета на државниот буџет од најмалку 155.117.172 евра и за истиот износ на компанијата изведувач ѝ овозможиле да стекне имотна корист.