Груевски со нотарски акт ја достави оставката во Собранието, можно е во вторник да биде на седница

Од:

Најавената oставка на пратеничката функција, поранешниот премиер Никола Груевски, кој по судските процеси избега и доби политички азил во Унгарија, е доставена во Собранието во средата на 5 јуни. Се очекува во понеделник на координација претседателот на Собранието заедно со координаторите на пратеничките групи да ја разгледаат оставката на Груевски и да одлучат дали ќе биде ставена на дневен ред на првата наредната седница закажана за вторник, имајќи предвид дека веќе се води постапка за одземање на неговиот мандат, точка на дневен ред ставена на истата седница.

Претседателот на Собранието Талат Џафери вели дека оставката е пристигната со нотарски акт и со соодветни печати со кои се потврдува дека станува збор за лична изјава на Груевски.

– Примена е на 5 јуни. Испратена е на превод од унгарски јазик и кога ќе биде преведена ќе биде доставена на пратениците, рече Џафери.

Оставката, како што најавува, ќе биде разгледана во понеделник на координација и притоа ќе бидат земени во предвид одредбите од Деловникот и од Уставот кои се однесуваат на оставка на пратеник, но и фактот дека во Собранието веќе има соодветна постапка за одземање на неговиот мандат.

Комисијата за мандатно-имунитетни и деловнички прашања со пет гласа „за“ и ниту едне глас против и без воздржани на 29 мај донесе одлука со која му предлага на Собранието одземање на мандатот на Груевски поради шестмесечно отсуство од ноември до мај оваа година. Одлуката на Комисијата е на дневен ред на седницата закажана во вторник на 11 јуни. За да му се одземе мандатот на Груевски со гласање во Собранието потребно е двотретинско мнозинство што не се знае дали може да се постигне имајќи ја предвид постапката на пратениците од ВМРО-ДПМНЕ односно неизјаснувањето на седницата на Комисијата.

Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, матичната партија на Груевски, пред оваа седница на Комисијата донесе одлука да се гласа „за“ одземање на мандатот на Груевски, но пратениците на опозициската партија воопшто не се изјаснија за одлуката.

Доколку Џафери и координаторите на пратеничките групи во понеделник одлучат да ја прифатат оставката на Груевски доставена преку нотарски акт како лична изјава, таа ќе се најде на дневен ред на 102. седница на Собранието закажана во вторник на 11 јуни.

Џафери вели дека мора да се направи консултација и со опозицијата и со владејачкото мнозинство како да се постапи поради тоа што ова е специфичен случај за што нема посебни ставки и одредби во нашата легислатива.

Во текот на следните денови се очекува Владата до Собранието да достави предлог за разрешување и избор на нови министри. Џафери вели дека не може да предвиди кога би се случило тоа, но потенцира дека седницата би можело да се закаже во пократок рок од десет дена. Исто така посочува дека кога ќе биде закажана седницата и колку таа ќе трае зависи од тоа дали ќе биде предложен избор на цела Влада или ќе биде предложена само реконструкција или промена на еден дел од министрите.

Би можело да ве интересира

ВИДЕО: За малку тепачка во Собрание меѓу Апасев и пратениците на ВМРО-ДПМНЕ

Катерина Ѓуровски

Втор ден амандманска расправа за Предлог-буџетот за 2025 година

Почнува амандманска расправа за Предлог – буџетот за 2025 на Комисијата за финансирање и буџет

Продолжува комисиската расправа за Предлог – буџетот за 2025 година

Почнува комисиската расправа за Предлог-буџетот за 2025 година

Собранието го одобри Предлог на законот за дополнување на Законот за градежно земјиште