Груевски: Поволности за купување електрични возила и субвенции за плински уреди

Од:

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ денеска промовираше две нови мерки кои се во насока на намалување на загадувањето на животната средина.

Со првата мерка треба да се поттикне купувањето на електрични автомобили кои имаат нула загадување, а со втората мерка ќе се субвенционира вградувањето на плински систем во автомобилите.

Мерките, како што истакна Груевски, ќе почнат да се применуваат од следната година.   

За реализација на првата мерка планирано е увозот на нови електрични возила да биде со нула проценти царина и без дополнителна акциза и при купувањето на вакви автомобили да се применува повластената даночна стапка од 5 проценти, наместо сегашните 18 проценти. 

Исто така се планира Владата да дава субвенција за купување електрично возило и тоа од 3.500 евра за секое електрично возило чија набавна вредност е до 25.000 евра и субвенција од 5000 евра за секое електрично возило чија набавна вредност е над 25.000 евра. 

Во период од 10 години електрични автомобили ќе бидат ослободени и од плаќање на патарина, бесплатно ќе паркираат на кој било јавен паркинг и ќе имаат бесплатна регистрација во делот за надомест за патишта.  

Предвидено е и Градот Скопје во рамки на јавното сообраќајно претпријатие да започне со набавка на целосно електрични автобуси така што до 2030 година тие ќе треба да сочинуваат повеќе од 50 проценти од вкупниот број автобуси во градот, а ќе се стимулира и создавањето такси компании само со електични возила. 
Со втората мерка се предвидува субвенционирање за вградувањето на плински систем во автомобилите. За таа цел секоја година, почнувајќи од следната година ќе се овозможат ваучери од 300 евра за набавка на плински уред кои ќе се распределат на јавен повик секоја година. Оваа мерка ќе се однесува само на возилата со ЕУРО 0, ЕУРО 1, 2 и 3 стандард, односно оние кои се произведени до почетокот на 2006-та година.
– За сите овие мерки ќе се организира и јавна расправа при што секое стручно мислење ќе биде добредојдено и во наредните 2 до 3 недели овој проект е отворен за сугестии, промени и доработка во насока на подобрување на проектот, истакна лидерот на ВМРО-ДПМНЕ презентирајќи ги двете нови мерки.

Би можело да ве интересира

Корчок: Се надевам дека преговарачката рамка ќе биде усвоена за време на португалското претседателство

Димитров и Османи во Брисел на средби со Борел и Лајчак

Португалското претседателство со ЕУ ќе настојува да почнат преговорите со Северна Македонија

Вицепремиерот Димитров ја потпиша Рамковната спогодба за превод на правото на ЕУ

СДСМ: Најавата на ВМРО-ДПМНЕ дека нема да го признае пописот е доказ за антидржавно и деструктивно однесување

Катерина Ѓуровски

(ВИДЕО) Пендаровски: Не смееме да ги заборавиме скапо платените лекции, мора да сме системски подготвени за следната криза