Не размислуваме за предвремени избори. Размислуваме за избори во 2018 година, изјави денеска премиерот Никола Груевски одговарајќи на новинарско прашање по обраќањето по повод 100 дена од формирањето на новата Влада.
Груевски претходно во својот говор рече дека ќе вложи напори за отпочнување на дијалогот со опозицијата, но нема да дозволат граѓаните и нивната слободно изразена волја да бидат уценувани или да се создаваат преседани.
– Дијалогот со опозицијата ќе се трудиме да отпочне, како што се трудевме и досега, и ќе продолжиме со тие напори. Ќе се трудиме да отпочне и да биде на принципиелна основа, како што тоа досега го правевме. Но, никако нема да дозволиме граѓаните и нивната слободно изразена волја да бидат уценувани или да се создаваат преседани кои понатаму ќе воведат лоши практики и ќе срушат смислата на слободно дадениот глас и поддршка на некоја политичка опција, рече Груевски.
Во однос на предизвиците, премиерот посочи дека постојат во повеќе полиња и оти владините претставници се потполно свесни за нив.
– Судството, медиумската област, јакнењето на слободата на изразување се полиња чии демократски капацитети сакаме да ги зајакнуваме и понатаму. Онаму каде можеме директно придонесуваме, онаму каде што не можеме директно сите конструктивни забелешки ги адресираме до надлежните инстанци, рече Груевски.
Уште еднаш потенцираше дека наш стратешки приоритет остануваат евроатланските интеграции на кои работиме и покрај пречката со спорот за името кое го отвори нашиот јужен сосед.
– Македонија е посветена на унапредување и позитивен развој во однос на ЕУ агендата. Наш фокус останаа реформите поврзани со ЕУ и Македонија продолжува со нив, рече Груевски.
И оваа година, како и во перидот што претстои останува посветеноста на реформите во судството, јавната администрација, подобрување на севкупната економска состојба и воспоставување професионални стандарди, како пет приоритетни области во процесот на евроатланската интеграција.
Наш стратешки интерес, потенцираше премиерот, останува и членството во НАТО и Македонија и понатаму ќе биде активен учесник во мировните мисии.
– Единственото отворено прашање кое не попречува во контекст на ЕУ и НАТО е спорот којшто го отвори нашиот јужен сосед поврзан со името на државата, на јазикот и на нацијата. Ние постојано укажуваме дека сме отворени за разговори, за дијалог. Но тоа е процес кој зависи од волјата на соговорникот, изјави Груевски.
Во рамки на политиките кои произлегуваат од Охридскиот рамковен договор беа спроведени, како што рече премиерот, и континуирано се работи на подобрување на положбата на немнозинските заедници преку нивно интегрирање во општеството, преку образованието, правичната застапеност особено на помалите етнички заедници, употребата на нивните јазици, децентрализацијата.