Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски на неговиот Фејсбук профил го поздравува почнувањето на изградбата на новиот водовод во Гевгелија.
– Одлична вест за жителите на Гевгелија. Денеска започнува изградбата на новиот водовод вреден над 1 милион и 710 илјади евра. Со неговата изградба, директни корисници на придобивките ќе бидат дваесетина илјади граѓани од општина Гевгелија, Богородица, Моин и од Мрзенци. Исто така, директна корист ќе имаат и дел од жителите на соседната општина Богданци, како и населените места Селемли и Стојаково, вели Груевски.
Проектот предвидува изведба на четири бушотини, пумпни станици, хлорна станица, цевковод и резервоар за вода со капацитет од 1000 метри кубни. Вкупната должина на новоизградениот потисен и доводен цевковод ќе изнесува над 3.5 километри, а неговата изградба ќе трае помалку од една година.
– Ова е почеток на реализацијата на уште едно ветување од нашата програма. Со ова ќе се надминат проблемите со водата и директно ќе се влијае на подобрување на нејзиниот квалитет. За реализација на овој проект особен придонес даде градоначалникот на општина Гевгелија, Иван Франгов и Владата, а истиот ќе се реализира во соработка со ЕУ и Светската банка, вели Груевски.
Нашата цел, додава тој, е подобрување на реалниот живот на граѓаните. – И покрај сите политички предизвици, нашиот основен приоритет се граѓаните и тоа така и ќе остане. Ние продолжуваме со работа, со проекти со кои се подобрува секојдневието на граѓаните, посочува претседателот на ВМРО-ДПМНЕ.