Никола Груевски ниту утринава не се појавил во истражниот затвор „Скопје“. Судскиот курир во текот на вчерашниот ден неуспешно се обидуваше да му го врачи решението на Кривичниот совет со кое му се одбива жалбата. Тој според ова во Шутка треба да ја одлежи двегодишната за случајот „Тенк“.
Доколку Груевски со упатниот акт, кој веќе го има, не се пријави сам во текот на викендов, се очекува решението да му биде доставено во понеделник, кога тој треба да се појави на рочиште за случајот „Титаник“, се разбира доколку се појави во судот..
Доколку судот утврди дека Груевски одбегнува да го прими решението, во тој случај се оди кон негово спроведување или распишување потерница.
На екс премиерот мандатот не му беше одземен, и со тоа тој продолжува да ги остварува правата од пратеничката функција.
Издржувањето на затворската казна се смета за оправдано отсуство, и нема да се води како неоправдано отсутен за да подложи на намалување на платата. Деловникот или Законот за пратеници не предвиделе одредба за укинување на правата на пратеник доколку се наоѓа на издржување на затворска казна.
Според Законот за пратеници, пратеникот кој е спречен да присуствува на седницата на Собранието, односно на работното тело, е должен за тоа навреме да го извести претседателот на Собранието, односно претседателот на работното тело и да ги наведе причините за отсуството од седницата.
Претседателот на Собранието, односно претседателот на работното тело ги оценува причините за оправданоста на отсуството.
Оправдувањето најчесто го прават секретарите на пратеничките групи. Најнередовниот пратеник, кој присуствуваше само на неколку седници, ако секретарите се јавуваат кај Талат Џафери, ќе стане пратеник со најмногу оправдани отсуства.
Висината на платата на пратеник кој ќе даде изјава дека ќе бојкотира изнесува една третина од платата која му е исплатена во последниот месец. На пратеникот времето поминато во вршењето на функцијата пратеник му се смета во работен стаж.