Откако Никола Груевски вчера не сакаше да биде снимен и не даде никаква изјава за разлика од лидерите на сите останати парламентарни партии, ВМРО-ДПМНЕ излезе со соопштение за средбата со Јоханес Хан.
Според ВМРО-ДПМНЕ, на средбата станало збор за организирањето и резултатите од изборите, постизборниот период и обидите за создавање коалиција, како и за зрелоста на ситуацијата за нови парламентарни избори, коишто би се организирале заедно со локалните.
Груевски и Хан разговарале и за Законот за употреба на јазиците, Специјалното јавно обвинителство, платформата на албанските партии и ризиците од користењето на оваа платформа како начин за репреговарање на Охридскиот рамковен договор, како и за плановите и целите доколку ВМРО-ДПМНЕ формира влада, вклучувајќи ги и реформите, воспоставената практика за коалицирање во Македонија по принципот победник со победник, предностите и слабостите на широките коалиции и искуствата на Македонија со вакви коалиции.
Директорот на Центарот за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ Иво Котевски вели дека ја искористиле можноста во детали да го запознаат еврокомесарот со случувањата и да ги аргументираат нивната политика и одлуки. ВМРО-ДПМНЕ, како што посочува Костески, ги презентирала своите позиции во однос на сите прашања користејќи ги аргументите, коишто во последните неколку недели ги презентирала и пред јавноста.
– Комесарот Хан ги изнесе своите размислувања, кои се идентични со неговите јавно искажани ставови на вчерашаната прес-конференција, како и низ формата на препораките што претходно беа испраќани преку прес-конференциите на портпаролите на ЕУ, при што беше нагласено дека ЕУ не сака да се меша во тоа кој со кого ќе коалицира и какви одлуки ќе донесат македонските партии во однос на креирањето колиција и влада, изјави Котевски.
ВМРО-ДПМНЕ, како што посочува Котески, е партија чија што платформа и стратегија е зачленување на Република Македонија во ЕУ.
На средбата присуствувале и Никола Попоски, Никола Тодоров, Влатко Ѓорчев, Илија Димовски и Александар Николовски.