Успешното надминување на политичката криза и тековните напори за спроведување на владината реформска агенда нудат единствена можност за напредок, рече Генералниот секретар на ОБСЕ, Томас Гремингер, за време на дводневната посета на Скопје, која заврши вчера.
Генералниот секретар се сретна со Претседателот Ѓорге Иванов, Претседателот на собранието Талат Џафери, Премиерот Зоран Заев и Министерот за надворешни работи Никола Димитров, како и со високи претставници на парламентарните групи и претставници на граѓанското општество.
„Сите актери треба да ги здружат силите во зајакнувањето на демократските процеси и враќањето на довербата во институциите во земјата, воспоставувајќи ефективни механизми за контрола“, рече Гремингер.
Тој ја истакна потребата да се работи на долгорочните структурни реформи во областите како што се владеењето на правото, слободата на медиумите, демократското владеење, полицијата и безбедносниот сектор.
„ОБСЕ, нејзините институции, а особено Мисијата на ОБСЕ во Скопје ќе продолжат да работат во партнерство со националните институции за поддршка на договорените реформи во клучните области“.
Гремингер ги охрабри понатамошните чекори за градење на кохезивно општество и продолжување на спроведувањето на Охридскиот рамковен договор. Тој, исто така, ги поздрави напорите за зацврстување на добрососедските односи, вклучително и потпишувањето на договорот за пријателство со Бугарија.
За време на посетата, при која беше одбележана и 25-годишнината на Мисијата, Гремингер беше придружуван од Шефицата на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, Амбасадорката Нина Суомалаинен, а имаше и средба со вработените на Мисијата.