„Македонската јавност во последниот период е изложена на јавни настапи на Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски во кои истиот дава изјави за новата безбедносна институција – Агенцијата за национална безбедност.
Неговите изјави ја доведуваат во прашање основата на реформата на нашиот безбедносно-разузнавачки систем. Имено, министерот Спасовски треба да знае дека од 01.06.2019 година нема никакви законски ингеренции врз новата Агенција, но тој сепак настојува да влијае врз почетното нејзино функционирање на начин што се обидува надвор од своите надлежности да држи лекции во јавноста за тоа кој ќе биде вработен во Агенцијата, а кој нема да биде примен на работа. Тој сериозно излегува од своите ингеренции кога зборува за ветинг на вработените во Агенцијата за национална безбедност. Мотивите за оваа континуирана закана од министерот се јасни“, соопштува Солза Грчева, од Глас за Македонија.
„Тој испраќа порака до сите вработени дека доколку сакаат да бидат примени во Агенцијата ќе зависат од неговото влијание!
Министре, со Агенцијата со одлука на Владата раководи директор и истиот треба транспарентно и отчетно да зборува за Агенцијата. Истата, одговара директно на Владата и законски повеќе не е под МВР.
Министре Спасовски, тргнете ги рацете од Агенцијата за национална безбедност затоа што само на тој начин ќе овозможите европеизација на македонската безбедност! Во спротивно само ќе докажете дека од позиција на партиски функционер ќе создадете политизирана институција и партиска машинерија“, се вели во соопштението на Солза Грчева, од Глас за Македонија.