Граѓанските организации и експертите ќе бидат директно вклучени во пристапните преговори на Македонија со ЕУ

Од:

Македонија во преговорите за приклучување кон Европската Унија ќе користи модел во кој се вклучени и граѓански организации и експерти надвор од капацитетите на државната служба. Структурата за преговорите ќе содржи 35 работни групи и е слична на моделот кој го воведе Црна Гора. Предвидено е за секоја од групите да бидат назначени посебни фондови со кои ќе се надминат проблемите кои се јавија во искуството на Црна Гора каде поради недостаток на средства граѓанските организации не можат целосно да го следат процесот. Граѓанските организации ќе се вклучуваат во работните групи кои според темата одговараат на полето на нивната експертиза.

Ова се дел од наодите во дискусијата за политики „Македонскиот модел за вклучување на граѓанските организации во пристапните преговори“ на авторот Иван Николовски од ИДСЦС во рамки на проектот „Perform to Reform” поддржан од Фондацијата Конрад Аденауер.

Документот е презентиран на панел дискусијата „Улогата на цивилното општество при процесот на интеграција во НАТО и ЕУ“ организирана од ИДСЦС и КАС на 20 септември на која како почесни гости учествуваа г-а Урсула фон дер Лајен, министер за одбрана на Сојузна Република Германија и г-ѓа Радмила Шекеринска, министер за одбрана на Република Македонија. Околу важноста на граѓанското учество во процесот и предизвиците со кои се соочуваат преговарачките страни на дискусијата која се одржа во хотел „Мериот“ на 20-ти септември (четврток) се осврнаа и Јоханес Д. Раи, официјален претставник на КАС во Македонија, германскиот амбасадор во Македонија Н.Е. Томас Герберих, Зоран Нечев, постар истражувач и раководител на Центарот за европски интеграции при ИДСЦС и Емина Нурединоска, раководител на одделот за граѓанско општество при Македонскиот центар за меѓународна соработка.

Нечев во оваа насока посочи дека Владата се уште не презентирала официјален документ со детално објаснување на структурата за преговорите и дека процесот треба да биде целосно транспарентен.
„Ова е од особено значење од аспект на одржливост на структурата за преговорите и индивидуите вклучени во истиот, земајќи предвид дека процесот на преговори во најоптимистична варијанта ќе трае најмалку 5 години. Искуството и знаењето треба да надвладее над тесно партиските интереси. Процесот е комплексен и изискува огромен труд и знаење“ рече Нечев.

Македонската министерка за одбрана Шекеринска образложи дека иако првенствено улогата на граѓанските организации се разгледувала во насока на теничка помош во преговорите за специјализирани поглавја каде што државата има слабости или нема доволно добар потенцијал тоа сега е променето и нивната улога се гледа во преговорите за суштинските политички постулати.
„Ризикот за Македонија секогаш се наоѓаше во клучните политички постулати каде што треба да ги прочитаме европските вредности и мислам дека без граѓанското општество сите овие години денеска Македонија дефинитиво но немаше да има НАТО покана, препорака за ЕУ, одлука на земјите членки за почеток на преговори. Дефинитивно немаше да зборуваме за скрининг тимови или за преговарачки групи. Во мое лично име, но и во име на Владата сакам да порачам дека ние сме свесни дека овој процес или ќе го водиме заедно и ќе биде успешен или ако се трудиме да го водиме одвоено ќе биде многу бавен или многу неуспешен“ рече Шекеринска.

Германската министерка за одбрана Фон дер Лaјен нагласи дека улогата на граѓанските организации е важна и во многу пошироки аспекти како и во актуелните прашања за кои граѓаните треба да ја донесат конечната одлука со гласање на референдумот на 30 септември.

„Граѓанските организации денеска се тие кои покрај политичките организации, партиите, се изјаснуваат, потенцираат аргументи, посочуваат ситуации и го продлабочуваат разбирањето, даваат просторот за медијација помеѓу различни политички содржини… Да не заборавиме дека како министерка за одбрана се движам во многу тешки и комплицирани региони во светот. Kога во одредени држави луѓето имаат можност за слободно носење одлука во својата држава, мислам дека ова е кралска придобивка од демократија односно со својот глас да ја определувате историјата на вашата држава“ рече германската министерка.

Говорниците го истакнаа актуелниот контекст во Македонија како историска можност за да се направи добар избор на референдумот за Договорот со Грција и со тоа да се стабилизира идниот развој на земјата како членка на ЕУ и НАТО.

Во таа насока претставникот на КАС во Македонија Јоханес Д. Раи образложи дека за да се донесат вистинските одлуки се потребни повеќе информации за деталите, причините, последиците и придобивките кои тие ќе ги предизвикаат, а кои засега недостасуваат во јавната дискусија во земјава.
„Не станува збор за изборот меѓу две политички партии, се работи за националниот интерес на две земји составен дел од Европа. Според моето скромно мислење премалку стручно се дискутира за договорот околу спорот за името меѓу Македонија и Грција. Важно е, пред се да се занимаваме со последиците и предностите како и со патот кон членството во ЕУ и НАТО.“ рече Раи.

Емина Нурединовска од МЦМС потенцираше дека сега е време и граѓанскиот сектор да го засили својот интегритет со што ќе ја засили и својата позиција. Тоа, како што рече, може да се направи со тоа што граѓанските организации ќе се осврнат и кон самите себе и ќе ја зголемат транспарентноста во своето работење. Таа дополни и дека од развојот на граѓанскиот сектор зависи демократичноста на државата, степенот и брзината на движењето кон процесите на ЕУ.

„Два аспекта се битни. Мониторирањето на процесите на остварување на критерирумите кои треба да ги достигнеме и давањето експертиза за што граѓанскиот сектор има доволно капацитет. Вториот аспект е што државата може да направи за граѓанскиот сектор, а тоа е создавање околина односно директна соработка“ рече Нурединовска.

Модераторот на дискусијата, Марко Трошановски од ИДСЦС констатираше дека повеќегодишниот застој во евроатлантските интеграции создаде дефицит и на граѓански организации кои се занимаваат со НАТО. Но дека со раздвижувањето на процесите има позитивен развој и во граѓанскиот сектор односно голем дел од овие организации ги рефокусираат своите интереси и цели кон интегративните процеси.

Би можело да ве интересира

Ахмети: Александар Дугин, главата на руските политики има партија во Македонија

Нови промени за сообраќајните казни во ЕУ: Никој веќе нема да може да ги избегне

ЕУ постигна привремена спогодба за нови правила за трговија со огнено оружје

СДСМ: ЕУ е единствен патоказ за подобра македонска иднина

А1он

Европската Комисија ќе обезбеди општи рамковни услови за почеток на преговорите со Украина за пристапување во ЕУ

ЕУ за А1он: Измените на Законот за игри на среќа не упатуваат ниту на ограниченото европското законодавство

Александар Тодески