Градоначалникот шверцер Боро Стојчев имал бугарски пасош

Од:

Апелацискиот суд во Штип во јули годинава ја прифатил жалбата на Вишото јавно обвинителство кое приговарало на одлуката на струмичкот суд да му биде укинат притворот на градоначалникот шверцер Боро Стојчев од Ново Село, меѓу другото и поради фактот дека тој поседува бугарски пасош.

Штипска апелација оценила дека струмичкиот суд згрешил кога го укинал притворот за обвинетиот Боро Стојчев. Во образложението на одлуката пишува дека во конкретниот случај сè уште постојат причините поради кои против обвинетиот била определена мерката притвор од судијата на претходната постапка на Основниот суд Струмица, а потоа и продолжена од кривичниот совет.

Судот му определил притвор на градоначалникот бидејќи постоеле околности што очигледно укажуваат на опасност од бегство.

„Обвинетиот Б. С. поседува бугарска патна исправа, има сестри во странство – во Ш., во текот на месец февруари и март 2018 година обвинетиот патувал во Ш. од една страна, а од друга, пак, имајќи го предвид карактерот на кривичното дело што му се става на товар на обвинетиот во смисла на тоа дека тој заедно со останатите обвинети се обидел да криумчари – да пренесе стока (цигари) на илегален премин во Р.Б, повеќе од очигледно е дека доколку обвинетиот биде пуштен на слобода постои опасност да побегне и на тој начин да го осуети понатамошното успешно водење на кривичната постапка“, пишува во одлуката на штипска Апелација.

Во пресудата на струмичкиот суд која „Макфакс“ ја доби преку барање за слободен пристап до информации од јавен карактер, пишува дека градоначалникот Стојчев има завршено средно образование, а моментално студира на Економскиот факултет. Тој претходно бил осуден за злоупотреба во службата со условна осуда од 2 години со рок на проверка од 4 години и за телесна повреда.

На 10 јули година околу 17 часот, сега осудените заеднички како соизвршители се обиделе да пренесат непријавени стоки – цигари од значителна вредност од 5.542.764 денари избегнувајки ја царинската контрола. Обвинетите натовариле 66 картонски кутии во кои имало вкупно 32.989 кутии цигари од марката „Калипсо“, секоја во вредност од по 168 денари. На 2 км од граничниот премин ги откриле и фатиле полициските службеници. Штипска Апелација му ја намали казната на Стојчев од 1,5 година на шест месеци. Стојчев пред судот ја призна вината и се покаја.

Вчера СДСМ побара од градоначалникот Стојчев сам да поднесе оставка од градоначалничката позиција.

Васко Маглешов

Би можело да ве интересира

Двајца штипјани пазареле откако искористиле туѓа трансакциска сметка

Момче објавило експлицитна содржина од својата партнерка

Жителите на делови од Штип четири дена се без бода

Катерина Ѓуровски

Локализиран пожарот кој избувна во штипската населба Пребег

Горан Наумовски

Два пожари на штипските гробишта, ЈП „Исар“ и ТППЕ Штип апелираат граѓаните да бидат претпазливи

Штип бара поддршка од воздух за гаснење на пожарите