Грацијано: Северна Македонија игра важна улога во стабилноста на регионот

Од:

Претседавачот на Воениот комитет на Европската Унија, генерал Клаудио Грацијано во рамки на неговата официјална посета на Армијата на Република Северна Македонија денеска оствари средби со својот домаќин, началникот на ГШ на Армијата, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски и со министерката за одбрана Радмила Шекеринска.

Како што соопшти Генералштабот на Армијата, на средбата на генерал Ѓурчиновски со Грацијано, кој е прв претседавач на Воениот комитет на ЕУ што ја посетува нашата држава, се разговарало за учеството на Армијата во мировните операции на Европската Унија, процесот на трансформација и интеграција во НАТО и за искажаната поддршка од страна на Воениот комитет на ЕУ за нашите интегративни процеси во евроатланските структури.

– На средбата меѓу министерката за одбрана Радмила Шекеринска и високиот гостин стана збор за учеството на нашата земја во меѓународни обуки и мисии на ЕУ и соработката. Двајцата соговорници го поздравија континуираниот ратификациски процес за членството на Северна Македонија во НАТО и изразија надеж дека кон средината на месецов ќе биде донесена и одлука за почеток на преговори за членство во ЕУ. Министерката Шекеринска рече дека вчерашното заедничко писмо на клучните луѓе на Унијата до земјите членки да одобрат преговори е силна порака до нашата земја и до регионот, се наведува во соопштението.

На состанок на кој на делегацијата на ЕУ и бил презентиран придонесот на единиците на Армијата во мировните операции со акцент на операциите предводени од Унијата, генералот Ѓурчиновски истакнал дека нашето учество и придонес во заедничката одбранбена политика е важен инструмент во интензивирањето на политичкиот дијалог со ЕУ и е еден од елементите на проценката на Европската комисија во исполнување на критериумите во членството во ЕУ.

Грацијано искажал пофални зборови за учеството и професионалноста на припадниците на Армијата на Република Северна Македонија во мировните мисии и притоа истакнал дека земјава игра важна улога во стабилноста на регионот со пристапот и начинот на решавање на предизвиците од политички и безбедносен аспект.

– Очекувањата се дека со нашето полноправно членство во НАТО и во европската безбедносна одбранбена политика ќе имаме можност директно ќе бидеме вклучени и ќе имаме поактивна улога во безбедноста и стабилноста на регионот и пошироко, се наведува во соопштението.

За време на престојот делегацијата на ЕУ ќе ги посети и единиците на Армијата во касарната Илинден и претставништвото на Европската Унија во земјава.

Армијата на Република Северна Македонија како дел од стратегиската определба за членство во ЕУ декларираше свои единици за учество во мировната мисија на ЕУ, Алтеа во Босна и Херцеговина во која активно учествуваме од 2006 година. Во мисијата во состав на единиците досега учествувале повеќе од 300 припадници на Армијата, а во 2008 година враќајќи се од оваа мисија трагично го завршија животот 12 наши припадници. Покрај учеството во АЛТЕА, Армијата на Република Северна Македонија партиципира и во борбените групи на ЕУ, каде во текот на 2014 година на вежбата „Брз Лав“ во Белгија, активно учествуваше со една декларирана пешадиска чета, се додава во соопштението на ГШ на Армијата.

Би можело да ве интересира

Независниот синдикат на професионални војници поднесе кривична пријава против Славјанка Петровска

Катерина Ѓуровски

Уставниот суд ја укина забраната за вршење верски обреди во објектите на македонската армија

А1он

Сиљановска – Давкова: Најсилната страна на Армијата е човечкиот капитал

Раскинат е договорот со фирмата што ја снабдуваше АРМ со храна, по труењето на 60 војници

Мисијата на ОН во Либан во која има и македонски офицери го одби барањето на Израел да напушти дел од позициите

Катерина Ѓуровски

Оброците за АРМ се 100% исправни, соопшти фирмата која ја подготвува храната