Грабар Китаровиќ: Покана за НАТО, штом се реши името

Од:

Поканата за членство во НАТО ќе биде упатена веднаш штом се дојде до заедничко прифатливо решение за името. Тоа е политички и билатерален процес и ги поттикнуваме и двете страни да продолжат со конструктивен дијалог и соработка за разрешување на прашањето.

Ова е пораката што ја упати помошник генералниот секретар на НАТО за јавна дипломатија Колинда Грабар Китаровиќ, по денешната средба со минситерот за одбрана Талат Џафери.

НАТО, потсети таа, е сојуз од 28 суверени држави членки, кои функционираат врз основа на начелото на консензус. Тоа значи дека сите држави мора да се согласат односно ниту една не може да биде против која било одлука.

– Поканата останува отворена и кога ќе се реши спорот околу името, НАТО не е вклучен во тој спор, тоа е исклучиво билатерално политичко прашање кое треба да се реши. НАТО не се меша во внатрешната политика на државите – членки и не ја коментира внатрешната политика. Во овој случај ние ќе го поздравиме решението кое ќе го постигнете во договор со соседната држава, одговори Грабар Китаровиќ на новинарско прашање како Алијансата со конкретен механизам или јавна дипломатија може да и помогне на Македонија да ја надмине блокадата од една земја – членка, со оглед на фактот дека земјата веќе одамна ги има сиполнето во целост сите критериуми за полноправно членство.

Таа потенцира дека вратата на НАТО останува отворена, но тоа е процес  што се заснова на заслуги и во таа насока треба да се продолжи со реформите и неоходните критериуми за секој поединечен аспирант за членство.

Според неа, патот кон членство е еднакво важен како и самото зачленување.

– Ве охрабрувам да го искористите времето и процесот и да продолжите со реформите во одбраната, со тоа што ќе ги направите вашите трупи пораспоредливи и поинтероперативни и ќе продолжите да се фокусирате на приоритетите определени во Националната безбедносна стратегија, но и да се продолжи со процесот на зајакнување на институциите, зголемвуање на транспарентноста, борбата против корупцијата и слободата на медиумите, изјави Грабар Китаровиќ, додавајќи оти тоа се и прашањата кои вчера биле дискутирани на состанокот во Брисел.

Грабар Китаровиќ се заблагодари за учеството на припадниците на АРМ во мировните мисии, особено во мисијата ИСАФ во Авганистан, каде што, потенцира, е импресионирана од професионалноста и храброста на македонските мировници кои меѓу другото храбро се спротивставиле на неколку напади на командата во Кабул.

Министерот за одбрана Џафери и Грабар Китаровиќ денеска ќе го посетат и ќе имаат предавање на Универзитетот на Југоисточна Европа во Тетово.

За време на еднодневната посета, Грабар Китаровиќ ќе се сретне и со претседателите на собраниските комисии за надворешна политика и за одбрана и безбедност Антонио Милошоски и  Влатко Ѓорчев и со шефот на делегацијата во Парламентарното Собрание на Северноатлантската организација, Ермира Мехмети.

Би можело да ве интересира

Кина би можела да организира мировна конференција на која ќе учествуваат Русија и Украина најави Лавров

Реакции од Италија: „НАТО не може да не принуди да убиваме во Русија, Столтенберг да поднесе оставка“

Предраг Петровиќ

НАТО функционер за АНА-МПА: Северна Македонија под уставното име влезе во Алијансата

Петер Сијарто: Унгарија нема да учествува во иницијативата на НАТО за помош на Украина

Република: НАТО директно ќе влезе во војна доколку Русија премине една од двете црвени линии

Москва: Вежбите се доказ дека НАТО се подготвува за можна војна со Русија