Горан Лазевски е авторот на најубавата љубовна порака и добитник на наградата на конкурсот „Напиши љубов во 140 карактери“, кој го објавува манифестацијата „Рацинови средби“, а е наменет за корисниците на Твитер социјалната мрежа.
Пораката на Лазевски е „Љубов мерена на кантарион“, а финалниот избор од многуте пристигнати пораки на официјалниот твитер профил на „Рацинови средби“, го направи Богдан Илиевски алијас Бетмен велит, кој е активен поддржувач и промотор на манифестацијата низ социјалните мрежи.
– Четири збора, како четирите тона од интрото на „Shine On You Crazy Diamond“. Тешки – четири тона. И пелин и мед. И крв и плодова вода. И време, и семе и нежен лист кој лекува рани и го мери најдобро немерливото. Цвет кој затреперува при секоја последна воздишка по љубениот кој остава, воздишка на опиениот кој заљубува, првата воздишка на оној кој не можел да дише без некого. Ветришта, торнада но и пролетни пиркања кои носат – поленов прав, на кантарионот кој лекува кога срцето на сто страни истекува, наведува Богдан Илиевски – Бетмен велит во образложението за неговиот избор.
Целта на конкурсот „Напиши љубов во 140 карактери“ е поттикнување на креативноста, ширењето љубов и промоција и афирмација на љубовната поезија на Рацин, а наградата која се состои од плакета и таблет, на добитникот ќе му биде врачена на свеченото отворање на 53-тите „Рацинови средби“ на 9 јуни во Велес.