Голем е интересот кај македонските хотелиери за зголемување на енергетската ефикасност во угостителските и останатите туристички објекти поради што наредните три години, со швајцарска помош, повеќе кандидати ќе поминат соодветни обуки.
Ова беше истакнато на денешната конференција што ја организираа Министерството за економија, Програмата за зголемување на пазарната вработливост и компанијата Делта проект.
Обуките, освен енергетска ефикасност, предвидуваат и други сегменти, односно креирање лидери во секторот угостителство и туризам, а ги спроведува Швајцарската академија за хотелски менаџмент.
– Моментно за енергетска ефикасност во хотелиерството се обучуваат 23 учесници поделени во три групи. По теоретскиот дел, тие ќе посетуваат пракса, а на крај ќе добијат сертификати за чие издавање ние покриваме 50 отсто од трошоците, рече министерот за економија Дритон Кучи.
Според него, енергетската ефикасност останува една од стратегиските определби на државата која мора да преземе максимални напори за подобрување на состојбата во оваа сфера. Притоа, сите критики се добредојдени.
– Македонија има обврска да достигне заштеда на енергија во 2018 година од најмалку девет отсто од просечната потрошувачка на финалната енергија во периодот 2002 – 2006 година. Досега направените анализи покажуваат дека потрошувачката е околу 29 проценти од вкупната финална потрошувачка на енергија. Од ова, на комерцијалниот сектор отпаѓаат 13 отсто. Тоа значи дека потрошувачката на енергија во зградите каде спаѓаат и угостителските објекти и хотелските комплекси изнесува 42 отсто од вкупната финална потрошувачка на енергија, нагласи Кучи.
Во насока на што поатрактивен и конкурентен туризам, Министерството, додаде, ќе поддржи и други обуки, за рецепционери, готвачи, келнери,…
– Со пренесување на најдобрите светски практики, уверен сум дека ќе се подобри нивото на услуги во хотелиерството и тој квалитет ќе биде препознаен од светскиот турист кој ќе ја посети Македонија што ќе придонесе за континуирано зголемување на бројот на туристи, подвлече Кучи.
Одговорајќи на новинарски прашања, министерот рече дека измените на Законот за енергетика, поради изборите, ќе се донесат во 2017-та наместо во декември годинава како што беше предвидено.
Во Законот за енергетика има можност за формирање Фонд за енергетска ефикасност од кој, како што информира Исмаил Лума од Министерството за економија, би се финансирале сите проекти, вклучувајќи го и хотелиерството.
Според амбасадорката на Швајцарија Сибил Сатер Тејада, за развој на туризмот не е неопходна само инфраструктура, туку потребни се и образовани, професионални кадри. Затоа, поддршката продолжува и во обезбедување експертиза, а програмата е во насока на подигнување на стандардите на угостителските услуги.
Конференцијата беше организирана по претходна консултација со вкупно 145 хотели во Македонија.