Претстојното чипирање на милениците и потребата од електронско врмежување на ветеринарните друштва ќе бидат само дел од темите на 22. годишно собрание на Ветеринарната комора на Република Македонија што ќе се одржи денеска во Струга.
Комората ќе ги проанализира актуелните состојби во дејноста, а претседателот Томислав Николовски ќе информира дека, согласно договореното со Агенцијата за храна и ветеринарство, ветеринарните друштва годинава навреме ќе го добијат планот на активностите за следната година.
– При крајот на годинава ќе има јасни рокови за спроведување на активностите во 2019-та. Во декември ќе биде доставен планот за следната, 2019 година и се тоа ќе биде хармонизирано со Платежната агенција, вели Николовски.
Според него, софтверското поврзување на ветеринарните друштва е неопходно, особено кога станува збор за лекувањето на животните.
– Сакаме унифициран софтвер за сите активности, вклучувајќи ја и куративата. Тоа подразбира дека ќе знаеме точно кое животно со што е лекувано, колку време не смее да се консумира неговото месо или млеко зависно од тоа што и кога му е аплицирано што е значаен инпут во следливоста на ветеринарно-медицинските препарати. Тоа, пак, ќе придонесе во борбата против нелегалната употреба на нерегистрираните ветеринарно-медицински препарати или аплицирањето од страна на неовластени лица. Треба да се има предвид дека и сопствениците на добитокот не смеат да даваат лекарства на своја рака, освен одредени лекови, објаснува претседателот на Комората.
Ден по редовното годишно собрание, Ветеринарната комора ќе биде домаќин на Меѓународна конференција на Вишеградската Вет + група која ке се одржи од 11-13 мај во Охрид.