Поради непочитување на правилата за ограничување на брзината и за држење страна и правец на движење, во Македонија од јануари до ноември оваа година се случиле вкупно 7.330 сообраќајни незгоди. Од нив, 3.694 се со потешки последици. Загинале 122 лица, а со материјална штета се 3.636, покажуваат индикаторите на Републичкиот сојуз за безбедност на сообраќајот (РСБСП) распоредени во седум области на делување во согласност со препораките на Европскиот совет за безбедност на сообраќајот.
Според нив, 81 проценти од возачите во Пехчево користат сигурносен појас, додека пак 91,3 отсто штипјани не го користат сигурносниот појас. Во Лозово 70,6 проценти од возачите на мопеди користат заштитна кацига, а 93,7 проценти во Василево не ја користат.
Индикаторот што се однесува на пешаците покажува дека во Штип 94,1 процент од возачите застанеле пред пешачки премин да пропуштат пешак, додека пак во Ресен 77,4 отсто не застанале. Во скопски Карпош 86,5 отсто од пешаците поминале на пешачки премин, а во Василево се поминувало надвор од пешачките ознаки.