„После хаваријата која се случи со недобивањето на датум за отпочнување на преговори со ЕУ, а по потпишувањето на срамните договори, Глас за Македонија се чуди на дрскоста за распишување на предвремени парламентарни избори од истите актери кои беа учесници во овој дебакл. Нивната целокупна игра е пропадната: на власта и на “конструктивната“ опозиција.
И сега, како ништо да не се случило, истите тие ќе организираат “фер“ избори за да продолжат со погубните политики и политиките на “ќорсокак“. Не е можно“, велат од Глас за Македонија.
„Додатно, за сите нив постојат докази дека редовно прават изборни измами и корупција воопшто. Затоа, пред распишувањето на сега веќе закажаните предвремени парламентарни избори, Глас за Македонија бара:
Итно поништување на штетните договори, кои дури не ја постигнаа ниту целта со која граѓаните беа манипулирани.
Промена на изборното законодавство, во насока на отворање на плуралниот простор и давање на фер шанса и за други партии.
Глас за Македонија бара експертска, преодна влада во која нема да има функционери од ниту една политичка партија, бидејќи овие два блока не можат да организираат фер избори. Тие, со своите погрешните политики, но и со криминалот, целосно го изгубија легитимитетот.
Само во тој случај, граѓаните ќе имаат доверба во изборниот процес и ќе се случат вистински промени во политичкиот, сега заробен систем. Во спротивно, ќе имаме досега најмала излезност и влада со спорен легитимитет што ќе биде постојан извор на нестабилност“, се вели во соопштението на Глас за Македонија.