„Како партија даваме целосна поддршка на аргументираните барања на приватните стоматолози специјалисти. Оваа многу важна гранка од медицината е целосно запоставена кај нас. Една ваква сложена и насекаде во светот ценета професија, ги има сведено повеќето од специјалистите стоматолози (над 70%) да егзистираат со минимална плата од 12.000 денари. Буквално не смеат ни на подолго време да бидат болни или да користат нормално породилно отсуство, бидејќи бизнисот ќе им пропадне. Со ваквиот третман од државата веќе многу години наназад, се доведува во прашање бројот и квалитетот на услугите кои ги добиваат граѓаните.
Зголемувањето од само 15% на буџетот е навистина симболично, и не решава ниту еден нивен горлив проблем. Полно од постојните ординации, во кои државата не вложува ниту еден денар, се борат да набават неопходни материјали, да обезбедат медицински сестри кои масовно заминуваат од државата, и да остварат минимална плата. Да не заборавиме дека преку оваа струка одеше приватизацијата во здравството, за која тие самите не одлучуваа“, соопштуваат од Глас за Македонија.
„Само системски решенија се вистински решенија. А тоа значи дефинитивно да се примени Законот за здравствена заштита и методологија во нормираните здравствени услуги, како и итно да се прошири пакетот на услуги во чекор со новите технологии. Исто така сметаме дека барањата за зголемен буџет од 180.000 денари месечно, како и одредувањето на фиксен или гарантиран буџет од 50% се сосема аргументирани. Со тоа само би се исправила повредата од Законот за работни односи, сторена при нивната приватизација. Ако навистина итно не започнат да се решаваат нивните напластени проблеми, бргу ќе останеме без стоматолози и без нивните здравствени услуги.
Глас за Македонија проблемот го лоцира и во прекумерната продукција на стоматолози на цели 5 факултети во државата, со што се создава инфлација на понудата во оваа струка.
Во услови кога државата, со буџетот кој го полнат сите граѓани, издржува една гломазна и непрофесионална администрација, со преполни и нефункционални министерства и општини, со огромен број на функционери кои уживаат платени привилегии, со годишен буџет од 4.7 милиони евра за финансирање на партиите (за 2.5 пати зголемен минатата година), срамно е вакви потребни струки да се борат да опстанат. На граѓаните токму нивните услуги им се неопходни, а не на оние кои немилосрдно го испразнуваат буџетот само за да дојдат или останат на власт.
Глас за Македонија секогаш е, и ќе биде фокусирана кон струките, професиите, кон потребите на граѓаните“, соопштуваат од Глас за Македонија.