Еден од клучните три проблеми во општината кои ги лоциравме на многуте средби со граѓаните е јавната хигиена, затоа и сакам да ве информирам дека во ЈП ПОЦ ќе биде формиран нов сектор за јавна хигиена, каде сите вие ќе бидете префрлени и пријавени, што досега не беше случај, истакна градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, на вчерашната средба со сите хигиеничари односно ангажирани сезонски работници во Општина Центар.
На средбата, како што соопштија од Општина Центар, станало збор за потребата од поголема јавна хигиена со почести миења на улиците и собирање смет.
Герасимовски истакнал дека при префрлањето, вработените ќе добијат правно регулиран работен однос, бидејќи досега беа без регулиран работен стаж.
– Јавната хигиена е слика на општината и сакам нашата да биде високо позитивна. За таа цел, ќе набавиме и нова цистерна за метење на улиците, како зајакнување на постоечката механизација за одржување на хигиената во општината. Од вас очекувам посветена работа и искрена соработка, особено во овој период кога треба и поголема ангажираност околу собирањето лисја од улиците и парковите, изјавил Герасимовски.
Тој неодамна оствари и средба со директорот на ЈП ПОЦ, Васко Кичевски, со кого ги договорија првите постапки за формирањето на новиот комунален сектор на ЈП ПОЦ.
Општина Центар е првата општина која ќе има свое комунално претпријатие во рамки на ПОЦ кое покрај паркирањето ќе се грижи и за јавната хигиена.