Сите осум основни училишта во Центар заедно со трите матични објекти на градинките и клоновите се спремни за почетокот на учебната година, велат од Општина Центар.
По средбата со директорките на детските градинки, градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски денеска оствари средба и со директорките на основните училишта.
„Образованието е клучна алатка за успешна и напредна генерација, а за успешно образование не е важна само наставата туку и условите во кои таа се одвива. Денеска директорките на основните училишта ме информираа дека сите основни училишта во Центар се подготвени за успешен почеток на школската година. Во сите основни училишта направена е дезинфекција и дезинсекција, а во тек е генерално чистење на просториите“, рече Герасимовски.
Тој исто така информираше дека во ООУ „11 Октомври“ има нова кујна за здрави детски оброци. Герасимовски вчера објави и дека сите центарски дечиња од 1 септември ќе бидат згрижени во центарските градинки.
Општина Центар вложува во воспитно образовниот процес и овозможува најдобри услови за правилен развој на децата во градинките и учениците.