ГЕМ бара оставка од претседателот на Собранието Трајко Вељаноски заради овозможување на полицијата да изврши упад во собраниската власт, што претставува насилно уривање на уставниот поредок на Република Македонија. Одговорноста на Трајко Вељаноски се состои во тоа што го прекршил членот 70 од Уставот на Република Македонија:
„Седниците на Собранието се јавни. Собранието може да одлучи да работи без присуство на јавноста со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.“ Без двотретинска одлука (за работа без присуство на јавноста), Трајко Вељаноски овозможил насилно исфрлање на новинарите од Собранието, кога бил гласан Законот за буџет.
-Прекршување на други десетина членови од Уставот кои ги уредуваат правата на пратениците и нивниот мандат. Со овозможувањето насилно да се истераат група пратеници од Собранието за време на собраниска расправа, Трајко Вељаноски е одговорен за ускратувањето на нивните уставни права и за повреда на нивниот мандат.
-Кршење на Законот за Собранието на Република Македонија, особено член 43 став 4: „За одговорноста за нарушување на редот во Собранието од страна на пратениците и надворешни лица кои учествуваат во работата на Собранието одлучува и донесува мерки претседателот на Собранието по претходна консултација со потпретседателите и координаторите на пратеничките групи.“ Трајко Вељаноски самоволно донел одлука за спроведување мерки без претходна консултација со потпретседателите и координаторите на пратеничките групи, а дел од нив биле и насилно истерани од собраниската сала, заедно со другите пратеници од опозицијата.
– Кршење на бројни одредби од Деловникот на Собранието на Република Македонија. Трајко Вељаноски ги пречекорил своите овластувања со наредбата за насилно отстранување на опозициските пратеници од седницата. Имено, „Претседателот на Собранието ќе му го одземе зборот на пратеникот, кога тој со својот говор на седницата го повредува редот, а на истата седница два пати е повикан да се придржува за редот на седницата.“ (чл. 92 ст. 2). Исто така, „Претседателот на Собранието го отстранува пратеникот од седницата, кога и покрај опомената, односно одземањето на збор го нарушува редот на седницата или употребува изрази со кои се нарушува достоинството на Собранието. Пратеникот кој е отстранет од седницата, должен е веднаш да ја напушти салата во која се одржува седницата. Ако претседателот на Собранието не може да го одржи редот на седницата, ќе одреди краток прекин на седницата.“ (чл. 93). Трајко Вељаноски издал наредба за насилно отстранување на најголемиот број од опозициските пратеници без да даде опомени и без да се обиде да го одржи редот на седницата со краток прекин на седницата.
ГЕМ бара оставка од министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска заради:
– – Попречување на јавен собир од страна на полицијата, која преку нееднаков третман (запирање и пренасочување на одредени автобуси, а пропуштање на автобусите на провладините протестанти) оневозможила поголема група граѓани да го остварат правото на мирен протест пред Собранието.
– – Прекумерна употреба на сила од страна на МВР за време на протестите пред Собранието.
– -Кршење на Уставот преку насилно протерување на јавноста од собраниска седница, без соодветна двотретинска одлука од Собранието.
-Кршење на Уставот преку насилно протерување на избрани пратеници од собраниска седница, без соодветна одлука за одземање на мандат на пратеник, или пак за отстранување на пратеник (согласно Деловникот на Собранието).
– – Манипулирање на јавноста дека МВР успеала „да спречи насилно блокирање и уривање на државниот поредок“ и активно учество во насилно уривање на државниот поредок, преку неуставен упад во Собранието – преку протерување на јавноста и легитимно избраните народни претставници од собраниска седница.
ГЕМ бара оставка од премиерот Никола Груевски заради:
-Повреда на темелните вредности на Уставниот поредок (повреда на начелото на „поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска, а со насилното отстранување на пратениците од страна на владини службеници повредени се политичкиот плурализам и погазена е волјата од изборите.)
– Повреда на правото на мирен протест и правото на слободниот пристап кон информациите, слободата на примање и пренесување информации, како и воведување цензура во јавниот сервис, која со Устав е забранета.
-Воведување полициска диктатура во Република Македонија преку преземање апсолутна контрола врз законодавната власт, која согласно Уставот, има надлежност да ја контролира Владата.
Насилното суспендирање на законодавната власт од страна на извршната власт е одлика на диктаторски режими. Полициското протерување на новинари и опозициски пратеници од Собранието е јасен показател за полициска држава. Затоа, ГЕМ ги повикува сите граѓани на Република Македонија активно да му се спротистават на груевистичкиот режим и полициската држава преку граѓанска непослушност и други форми на демократски отпор. Да им се спротиставиме на насилниците кои ја силуваа демократијата и го узурпираа нашиот граѓански суверенитет, со полициско дислоцирање на јавноста и опозицијата од Собранието! Ако не се спротиставиме на неправдата, и ние стануваме соучесници во чинење неправда“, велат од ГЕМ.