Демонстранти влегле во просториите и дворот на Градската библиотека „Браќа Миладиновци“, по протестите пред Владата, поради прикриваното убиство на Мартин Нешкоски во 2011 година, па затоа полицијата интервенирала, е официјалното објаснување од оваа институција.
„Вчеравечер, половина час пред полноќ, во дворот на Градската библиотека ‘Браќа Миладиновци’ и на приземниот кат од библиотечниот објект дошло до краток неред – нарушување на работата во читалните, откако група демонстранти, веројатно дел толпата којашто протестираше пред Владата на Република Македонија, бегајќи пред полицијата по улицата ‘Партизански одреди’, влегле во дворот и во просториите на библиотеката“, се вели во соопштението.
Според нив, по кратката интервенција на полицијата одново се воспоставени нормалните услови за работа во читалните на библиотеката.
Појаснуваат дека, поради традиционална популарност којашто ја имаат кај средношколците и студентите, читалните на Градската библиотека „Браќа Миладиновци“ веќе десетина години за членовите на библиотеката се отворени 24 часа, и во саботите и неделите.
Инаку, на социјалните медиуми се појави снимка од мобилен телефон, како полицајци влегуваат во прсториите на библиотеката и изнесуваат млади луѓе надвор, додека исплашени девојки велат дека тие се само студенти што учат.
Протестот пред Влада се случи по објавувањето на прислушувани снимки од разговори на владини функционери на кои се слуша како највисоките институции договараат информирања на јавноста во врска со убиството на Мартин Нешкоски, ноќта по победата на ВМРО-ДПМНЕ на избори, од страна на полициски специјалец кој не бил на должност.