Гаревски: Не се очекуваат афтершокови по синоќешниот земјотрес, скопјани може да бидат спокојни

Од:

Нема опасност од нови поголеми земјотреси по синоќешниот, кој иако не беше од скопското епицентрално подрачје, го стресе и Скопје, вели професорот Михаил Гаревски, директор на Институтот за земјотресно инженерство и климатски промени. Синоќа во 23 часот и 7 минути  скопјани почувствуваа хоризонтално тресење на земјата, како резултат на земјотрес со магнитуда 3.3 степени според Рихтеровата скала, со епицентар во Косово, на 28 километри северозападно од Скопје. Земјотресот ги испаничи скопјани па многумина, исплашени од можноста за нови потреси, ноќта ја поминаа во парковите. Гаревски вели дека ваков земјотрес не носи таков ризик.

„Јас сметам дека земјотресот синоќа беше главниот удар и, иако со сигурност не може да се предвиди, не очекувам последователни удари или афтершокови. Дури и да се појават, тие кај нас ќе се почувствуваат со магнитуда од 2,1 или 2, а таквите потреси не се чувствуваат, само ги бележат инструментите во лабораториите. Нема никаков ризик од нов потрес кој би предизвикал штети во Скопје, скопјани може да бидат спокојни. Земјотрес со магнитуда 3.3 според Рихтер се смета за слаб земјотрес, а дополнително на тоа 28 километри далечина е доволна за да го ослаби ударот што би се почувствувал кај нас“, вели директорот Гаревски и нагласува дека скопјани треба да бидат мирни секогаш кога ќе почувствуваат хоризонтално тресење без бучава, оти таквите земјотреси не се од скопското епицентрално подрачје и дури и во епицентарот да бидат со јачина од 5 степени според Рихтер, кај нас ризикот да предизвикаат штети е еднаков на нула.

Синоќешниот земјотрес, тој смета дека е со епицентар околу Качаник, на територија на Косово, а припаѓана на големиот расед кој почнува од Ќустендил, Бугарија и води до Дебар.

„Тој расед е сеизмички активен исто како и скопското епицентрално подрачје и земјотресот од синоќа нема никаква поврзаност со претходни земјотреси, ниту пак се точни тврдењата дека поради високите температури испарила водата од земјата и го предизвикала ударот. Тоа е апсолутно неточно, невозможно е на два километри длабочина високите температури да влијаат на испарување на водата од земјата“, објаснува директорот Гаревски.

Сеизмолошката опсерваторија при Природно – математичкиот факултет во Скопје синоќа соопшти дека земјотресот со магнитуда 3.3 степени според Рихтер од соседното епицентрално подрачје Урошевац – Витина бил почувствуван во Скопје и околината со интензитет меѓу трет и четврти степен според Европската макросеизмичка скала.

Би можело да ве интересира

Земјотрес ја погоди Босна и Херцеговина

Земјотрес почувствуван утрово во Дојран

ВИДЕО: Снимки од силните земјотреси во Куба, паника насекаде

Предраг Петровиќ

Сеизмолошка опрерваторија: Регистриран земјотрес од 2.8 степени по Рихтер

Силен земјотрес го погоди југот на Италија

Силен земјотрес го погоди Чиле