Независната листа кандидати за членови на Советот на општина Битола, чиј носител е Габриела Илиевска и кои кампањата ја водат под слоганот „Поинаку“, најави дека новиот општински Совет поинаку ќе биде претставуван пред граѓаните и дека тоа подразбира оти буџет ќе биде на увид на граѓаните.
– Ние од „Поинаку“ ќе го воведеме проектот „Буџет на увид на граѓаните“. Проектот подразбира изработка на посебна програма со која на граѓаните ќе им се овозможи да имаат увид во приливот и одливот на средства од жиро-сметките на локалната самоуправа, јавните претпријатија и на сите општински училишта и градинки. За реализација на овој проект не требаат многу пари. Треба само добра волја и желба на градските татковци, локалните институции да ги претворат во сервис на граѓаните, а нивната работа да биде ставена под лупата на јавноста, рече таа.
Илиевска додаде дека освен транспарентноста во трошењето на буџетските средства и подобрата информираност на граѓаните за трошењето на нивните пари, проектот ќе придонесе и за поголема одговорност со управувањето на институциите од страна на одговорните лица, вклучително и новиот градоначалник.