Со панихида отслужена од поглаварот на Македонската православна црква – Охридска архиепископија г.г. Стефан, во сослужение со свештениците од Скопската епархија, денеска во црквата „Свети Спас“ почна одбележувањето 122 години од смртта на великанот на македонското револуционерно дело Гоце Делчев.
Цвеќе положија претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, владина делегација предводена од премиерот Христијан Мицкоски, собраниска делегација, претставници од дипломатскиот кор, политичките партии, граѓански здруженија и други почитувачи на ликот и делото на Делчев.
Пред церемонијата на положување цвеќе беше отпеана и македонската химна.
-Животот на војводата Делчев е возљубување на својот народ до степен на потполно оддавање на себе си за неговата слобода и достоинство. Патриотизмот во својот вистински облик каков што бил кај Гоце, е благородна појава која носи со себе почит кон сите народи, вери и култури. Светогледот на Гоце е светоглед на личност што гради мостови, а не ѕидини, светоглед што промовира мир меѓу народите, а не војни. Тој од најрана возраст гледал дека неговиот народ иако трудољубив, живее во беда, иако добар, страда, иако мирољубив, три насилство, но дозволувал само насилство против насилството. Делчев својата младост и својот живот ги дал за слободата, за неговата смрт да послужи како семе за раѓање на нови јунаци за македонската слобода, истакна г.г. Стефан.
Тој порача никогаш и никако да не дозволиме да избледат сеќавањата на Гоцевите дела и делата на сите кои низ вековите се дадоа себе си за Македонија.
-Тие наши светли херои да ги имаме пред очи како светило во ноќта, да ни го осветлуваат патот и да ни покажуваат дека татковината се чува со дела, а не со празни зборови, дека се љуби ппреку совесно постапување, преку непоколебливо запазување на правото и правдата, преку активно учество во општествените процеси, преку придонесување за окрепување, а не за распаѓање, преку подавање рака на нашите ближни кога тоа можеме да го сториме, преку непоштедна борба за слободно, праведно и напредно општество, потенцира поглаварот на МПЦ.