Г.г. Стефан: Не бараме повеќе, освен да бидеме препознати како автокефална Црква

Од:

Не бараме повеќе, освен да бидеме препознати како автокефална Црква, како што се и сите други Цркви кои духовно возглавуваат еден национален, односно еден духовен простор кој има свои граници, потврдени во историјата. Македонската православна црква (МПЦ) е возобновителка на Охридската архиепископија (ОА), не е новонастаната Црква. Иако со де јуре прекинат континуитет, сепак, де факто таа секогаш постоела, живеејќи во срцата и мислите на Македонецот и сите православни од овие наши простори.

Ова го истакнува поглаварот на МПЦ, г.г. Стефан во Божикното интервју за Македонската информативна агенција – МИА.

Во врска со тоа дали има најави за продолжување на дијалогот меѓу МПЦ-ОА и Српската православна црква имајќи ја предвид изјавата на српскиот претседател Томислав Николиќ за време на неговата неодамнешна посета на Македонија, дека е подготвен да се ангажира, г.г.Стефан вели „најпрво ние црковниците би требало да се подзамислиме кога државници и пред нас и повеќе од нас ја согледуваат потребата од побрзо надминување на спорот и потребата двата народи, српскиот и македонскиот, да живеат како што им доликува на православни народи“.

– Светиот архиерејски синод го оцени ангажманот на претседателот Николиќ како добронамерен и добредојден и потенцираше дека секогаш сме подготвени и за дијалог и за решение. Нашата конструктивност за решавање на овој спор кој никому не е од корист, ја покажавме секогаш во минатото, но ја докажавме и веднаш по оваа најнова иницијатива – испративме писмо до Саборот на СПЦ со подготвеност да седнеме и да разговараме. Но, мора да се знае дека кога се пристапува во решавање на еден ваков спор, не е ниту дипломатски, ниту е во согласност во правилата, да се поставуваат услови и барања пред разговорите да почнат, вели поглаварот на МПЦ-ОА.

За случувањата околу македонските црковни општини во Австралија, г.г. Стефан нагласува дека Комисијата на Светиот архиерејски синод разговарала и со условно двете страни во спорот и ги слушнала нивните аргументи.

– На крајот се одлучи, според долгогодишната состојба на теренот, ако може така да се рече, да им се даде можност и на двете групи непречено да функционираат: едната под раководство на досегашниот администратор, а втората под надлежност на Синодот, а ќе ги координира митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј. На крајот, најважно е каков заеднички став сме изградиле како Синод, а не како кој лично размислувал, предлагал или изјавувал, додава поглаварот на МПЦ-ОА, г.г.Стефан.

Тој посочува дека 45-годишнината што ја одбележале во 2012 година е доказ дека одлуката, како што вели, на нашите богољубиви и родољубиви предци била и е одлука на срцето и духот дека тој чин на возобновувањето на автокефалноста на древната Охридска архиепископија во лицето на МПЦ во 1967 година, по 200 години од нејзиното неканонско укинување, не бил ниту политички ниту националистички, туку бил чисто духовен чин, кој ја изразувал потребата, но и желбата на православниот народ да го обнови автентичниот простор на своето спасение.

Би можело да ве интересира

Владиката Тимотеј за рускиот свештеник: Ние немаме информации дека бил шпион

Орце Костов

„Работи во Софија, а патува до Скопје за да внесе раскол во МПЦ“: Кој е рускиот свештеник Змеев кој доби забрана за влез во Македонија

Орце Костов

Расчинет свештеник крстел и венчавал со „благослов“ од г.г. Стефан: Венчаните се невенчани, крстените некрстени

Орце Костов

(ВИДЕО) Академик Ќулавкова: Се загрозуваат правата на жената

Горан Наумовски

Г.г Стефан: Собрани сме да им кажеме ДА на животот и на светоста на семејството оформено од еден маж и една жена

(ВИДЕО) Поглаварот Стефан: Жената ја изедначуваат со мажи кои никогаш нема да бидат жени

Горан Наумовски