„Начинот на донесувањето на Законот за употреба на јазиците уште еднаш ни покажа дека од минатото ништо не сме научиле. Односно за жал сме го научиле само она, лошото и недемократското. Како е можно полнолетни пратеници да не се засрамат од укорот на странските амбасадори за недемократско однесување, но и да им сугерираат како да се однесуваат, односно што не треба да прават?!.
Наместо да го остават зад нив недоличното и силеџиско парламентарно однесување од минатото, сегашните парламентарци од партиите на власт во целост па дури и повулгарно го копираат однесувањето на своите претходници. Исто како и во минатото и сега сме сведоци на дрско кршење на Уставот на РМ, на Законот за Собранието и на Деловникот за работа на Собранието. И сега на дело го гледаме непочитувањето на туѓото и различно мислење. Ние не се боревме и не сакавме поранешната диктатура на мнозинството да биде заменета со тиранија на сегашните партии на власт, а најмалку сакаме тиранија на една малцинска парламентарна групација над мозинството граѓани во државата.
Ние, не се боревме и не сакавме наместо Тајко Вељановски, на негово место да гледаме некој нов, полош, и ни малку демократски настроен Трајко. Сакавме и сакаме за Претстедател на највисокиот законодавен дом, пратеник кој нема да им слугува на наредбите на партиските лидери, туку достоинствено ќе го претставува Собранието на РМ како највисок претставнички дом на граѓаните на РМ. Не ни е потребен уште еден партиски војник, туку непристрасен и објективен претседател на законодавниот дом, човек кој доследно ќе ја почитува собраниската процедура, а нема да биде екзекутор на владата и на нејзиното партиско мнозинство. Не, ни е потребен претседател на Собрание кој нахално и крајно настојчиво и бајато пред целиот ТВ аудиториум сака да се покаже кој е кој.
Господине Џафери Собранието на РМ е дом на демократијата, културата и толерантноста, а не камп за тренирање на партиска дисциплина и дом за реализација на антидржавни и антинационални меѓу партиски договори.
Ние баравме и бараме кривична одговорност за Претседателот на Собранието кој на 24 декември 2012 година, нареди употреба на сила врз народните избраници, но бараме кривична одговорност и за сегашниот претседател кој бескурпулозно го прекрши Уставот и законите и ја злоупотреби функцијата.
Исто така му порачуваме и на премиерот Заев да им укаже на своите бесни и осоколени крволочни извршители, наместо да рушат споменици својата енергија да ја пренасочат во откривање на криминалот со спомениците и да се казнат сторителите на криминалот. Само со санкција за сторениот криминал и враќање на украденото ќе ја вратиме довербата во системот, а не со рушење.
Доколку наредбодавецот сака рушење нека почне прво од спомениците на својот коалиционен партнер, затоа што и тие се на ист начин поставени како оние кои се на ред за рушење“, се вели во соопштението на ФРОДЕМ.