На граничниот премин Табановце на македонско – српската граница во моментов се наоѓаат околу 300 бегалци кои чекаат да ја поминат царинската контрола за да влезат во Србија.
Српските гранични власти ги пропуштаат само граѓаните од Сирија, Ирак и Авганистан кои имаат валидни патни исправи, за останатите спуштена е рампата и остануваат на граничната линија. Со оглед на изменетата состојба на границата дојдоа претставници на УНХЦР, кои потенцираа дека овие луѓе ќе мора да преноќат на сигурно и топло место.
На српска страна се очекува вечерва да пристигне воз со околу 1.000 бегалци, од кои дел нема да можат да влеза во Србија и да продолжат со патот кон Европа.
Ако одредени држави ги затворат границите, Србија ќе го зајакне присуството на војската и полицијата на своите граници и ќе го ограничи протокот на мигранти.
-Србија има подготвен план за секаков исход, сега пропуштаме помал број на бегалци, велат извори од безбедносните структури.
По терористичките напади во Париз најавена е поголема контрола на српската граница, односно покриени се сите илегални премини преку кои мигрантите би можеле да поминат без регистрација.
На мигрантите ги фотографираат на српска страна , им се земаат отисоци, име и презиме. На пунктот Миратовачко поље поставена е контрадиверзиона врата која детектира метал и ласерски ги брои луѓето.