Десетина возила со ознака „Управа за јавни приходи“, заедно со побројна екипа инспектори, денес извршија повеќечасовна контрола на правните субјекти во Гевгелија, а резултатот е 40-ина затворени дуќани со ознака: „Затворено од УЈП“.
Предмет на инспекција се фискалните апарати, паричниот промет, деловодните книги, а за секое несоодветно работење спротивно на пропишаните законски норми за трговско и фискално евидентирање на паричниот промет, изречени се казни од 3.250 евра.
Сопствениците на дуќани реагираат, бидејќи некои добиле казна само за утврдени 100 денари вишок во касата, наспроти извештајот на фискалниот апарат. Некои имале тетратки за продажба на вересија, поради енормната беспарица меѓу народот и намерата да се опстои на пазрот, одржувајќи ја клиентелата на ваков старински начин – „на пишанка“, со одложено плаќање. Казната е иста и за правните лица што остваруваат дневен промет од 3.000 денари и за поголемите фирми, кои реализаираат промет од 10.000 евра дневно.
Сопственичка на колонијален дуќан вели дека инспекторите најпрво влегле во дуќанот како обични купувачи, а подоцна влегле зад касата за да ја проверат состојбата со паричниот влез и евиденцијата од фискалниот апарат. Откако состојбата покажала уреден внес и евиденција на парите, почнале да и пребаруваат по личните работи, џебовите од џемперот, личната чанта, другите фиоки зад бирото.
На прашањето дали смеат да вршат ваков претрес, инспекторите одговориле: „Можеме сè да ви претресеме, освен дома“.
Ако се следи логиката на парите, од Гевгелија денеска се испумпани 130.000 евра, или близу осум милиони денари, кои ќе се слеат како приходна ставка во Буџетот на Република Македонија.
А.Д.