Не ги криеја солзите и тагата кога дојдоа во Младинскиот парк каде застанаа во знак на револт за прерано згаснатиот живот на малата Тамара. Не се срамеа да плачат додека ги слушаа тескобните зборови и болни воздишки кои излегуваа од душата на мајката Жаклина Димовска.
Никој не остана рамнодушен кога жената кажа дека со граѓанските донации од лекувањето на Тамара морале да ја погребаат. Како душата боли по изгубеното чедо покажаа денеска во Велес десетици мајки, татковци, баби, дедовци, сестри, чичковци и тетки, пренесе порталот Дума. .
Сите со едноминутно молчење и оддадоа почит на малата Тамара, порачаа дека детскиот живот нема цена и со црвените картони во рацете побараа оставки од министерот за здравство, Никола Тодоров, од заменик министерот Јовица Андонов, од директорката на на Фондот за здравство Маја Прнаџиева Змејковска и вториот директор Џемали Мехази, од Аспазија Софијанова заменичката претседателка на лекарската комисија чиј потпис стои на решението со кое се одбива барањето за операцијата на Тамара во странство.
„Дајте оставки. Морално е да ве снема од системот што монструмски сте го креирале. Дајте оставки за да се сруши системот кој ви служи за реклама и пропаганда. Дајте оставки за да не ни умираат луѓето. Сите вие одговорни за смртта на Тамара, особено ти министре, од сите нас имате црвен картон. Време е да се повлечете и да ја признаете својата не моралност. Тамара и нејзините родители тоа го заслужуваат,“ порачаа присутните на граѓанскиот собир.