На улица Македонија, по јубилеен десетти пат, беше отворена манифестацијата „Денови на македонскиот мед“.
Производители на мед од цела Македонија од денеска до сабота ги изложуваат своите производи, а посетителите може да дегустираат и да купат пчелни производи, како и да добијат и едукативен материјал.
Организатори на манифестацијата се здружението „Матица“, Федерацијата на фармери на Република Македонија, под покровителство на Општина Центар и Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство. Манифестацијата денеска официјално ја отвори градоначалникот на општина Центар Андреј Жерновски.
„Секогаш каде се децата има убава атмосфера и насмевки. Општина Центар секогаш со задоволство ќе поддржува вакви манифестации. Не залудно е речено дека медот е храна на боговите. Ми причинува особено задоволство да ја отворам оваа манифестација која треба да ја одржи традицијата за презентирање на пчелните производи“, им порача на посетителите градоначалникот на Општина Центар Андреј Жерновски.
Државниот секретар во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство Бесир Јашари посочи дека во Македонија има 68.000 пчелни семејства кои даваат 780 тони мед.
Најмладите од градинките во општина Центар, облечени како пчелички, мажоретки, изведоа пригодна програма.