Информираме за повторен случај на бруталност и усмртување на бездомните кучиња, овој пат кучиња од општините Куманово, Штип, Берово и Кочани, а за чиј третман е ангажирана, овластенa амбуланта „ Вет. амбуланта Тодор Велков“ од Куманово.

Набргу потоа се уверивме во вистинитоста на тврдењата на граѓаните за што ви ги приложуваме овие фотографии каде се гледа нехумано сместување на животните и противправно постапување со нив, вон сите стандарди кои се предвидени согласно Законот за заштита и благосостојба на животните и Правилникот за технички услови за стационари во Република Македонија. Фотографиите одлично говорат за очајот на кој се изложени животните.

Згора на ова што е видливо граѓаните сведочат дека по сите напори да ги спасат и извадат бездомните кучиња за кои се грижат, со цел да не бидат убиени, биле приморани да платат за секое извадено куче по 1150 денари.
Во прилог и еден коментар од лице кое било во стационарот:
„Кој може нека оди и нека спасува, ги има заловено од Кочани, Штип и Берово и сите имаат само една желба и поглед кој моли само за едно нешто – некој да ги извади од Кумановскиот Аушвиц! За секое што ќе биде извадено бараат по 1150 ден! По толку е платено за секое што успеавме да го извадиме! Голема благодарнот на XXXX кој ни позајми да ја спасиме kочанската Лешник зашто самите не беме во можност да платиме бидејќи немаме воопшто никакви донации ниту пак наши приватни средства зашто секојдневно имаме преголеми трошоци околу оние за кои се грижиме! Во прилог фото од Лешник ПРЕД и ПОТОА заловувањето! Работиме на нејзиното опоравување.”
Нема да дозволиме ова да продолжи или помине неказнето!

Потврдуваме дека за третманот на животните ќе поднесеме пријави против сите одговорни и ќе ја информираме европската јавност и институциите на ЕП.
Доколку состојбата не биде ургентно сменета најавуваме протест пред стационарот но и сите останати вмешани институции, почнувајќи од општините“, се вели во соопштението на Анима Мунди.