Иселувањето и мобилноста на младите, лекарите и уметниците, влијанието на миграциите на деловниот и другите сектори, како и улогата на граѓанскиот сектор во адресирање на миграциите се темите за кои ќе се дискутира на денешниот форум „Предизвици, перспективи и потенцијали на миграциите“, што ќе се одржи во Чифте амам.
Организатор е програмата за поддршка на граѓанското општество во Македонија „Цивика мобилитас“.
Форумот ќе го отвори амбасадорката на Швајцарија во Македонија, Сибил Сутер Тејада. На панелот „Перспективи и потенцијали на миграциите во и вон Македонија“ ќе зборуваат: Едмонд Адеми, министер без ресор задолжен за дијаспора, Златко Николоски, претседател на „Нов контакт“, Калина Гривчева-Старделова, претседателка на Лекарската комора на Македонија, Методија Стојчевски, претседател на Младинскиот сојуз Крушево, Емилија Тодорова, претставник на Форум за демократска Македонија и Методија Колоски, претседател на Обединетата македонска дијаспора.
По првиот панел, ќе биде одржана работилницата „Заедно за акција: Потенцијалите од миграцијата за Македонија“, на која учесниците ќе идентификуваат и договорат заеднички идеи и акции.
Новата фаза на „Цивика мобилитас“ обезбедува поддршка за граѓанските организации и другите актери на граѓанското општество во периодот од 2014 до 2018 година. Буџетот на програмата изнесува околу осум милиони швајцарски франци кои ги обезбеди Швајцарската агенција за развој и соработка (СДЦ).