Република Македонија од денеска до 27 октомври е домаќин на 64-от европски форум на лајонсите кои на собирот во Скопје ќе градат стратегии за развој на лајонизмот во Европа, нови идеи за помош и поддршка на ранливите категории, лицата со делумно или целосно оштетен вид, како и други лица на кои им е потребна помош.
На свеченото отворање кое попладне ќе се одржи во објектот на Македонска филхармонија, гостите од Европа, но и од САД, Индија, Јужна Кореја и други држави во светот ќе ги поздрави претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев, во име на домаќинот и организатор на форумот, поздравна реч ќе одржи основачот на лајонизмот во Македонија, Небојша Давидовски, а според програмата обраќање ќе има и првата жена претседател на светската лајонс организација, Гудрун Ингвадотир од Исланд.
Форумот на лајонсите од Европа се одржува под мотото „Свесност и емпатија“, а на сесиите освен за теми поврзани со мисијата на најголемата хуманитарна невладина организација во светот, посебен акцент ќе биде ставен и на градот домаќин, со посебна пленарна сесија на тема „Скопје-55 години град на светската солидарност и родно место на Света Мајка Тереза“.