„Форин Полиси“: Изборните резултати во С. Македонија се добра вест за ЕУ и САД

Од:

Доколку Балканот има успешна приказна, тоа веројатно е Македонија. Во 90-тите години на минатиот, земјата мирно се раздружи од Југославија. Во јуни 2018 година нејзиниот премиер Зоран Заев потпиша историски договор со соседна Грција за решавање на долгогодишниот спор за името Македонија. Ребрендираната „Северна Македонија“ беше наградена за тоа. Влезе во НАТО како 30-та членка на организацијата, сега е на почеток на преговорите за членство во Европската унија, а поддршката од западните институции е голема, наведува магазинот „Форин Полиси“ во анализа посветена на изборите во земјава.

Магазинот наведува дека СДСМ на Заев освои најмногу гласови на изборите, што се одржаа во услови на раст на бројот на заболени од Ковид-19 во целиот регион, освојувајќи две пратенички места повеќе од главниот ривал, десничарска партија ВМРО-ДПМНЕ и има голема шанса да ја предводи следната влада.

– Ова е добрата вест и за ЕУ ​​и за САД. Сепак од поблиска перцепција, успешната приказна на Северна Македонија и не толку убедлива. Но, ако ништо друго, изборите фрлија светло врз реалните предизвици со кои се соочува земјата, се додава во анализата.

„Форин полиси“ оценува дека на овие избори дошле до израз популистичките националистички пораки упатени до гласачите.

– Поддржана од унгарскиот премиер Виктор Орбан, самопрогласениот водач на „нелибералната демократија“ во Европа, ВМРО-ДПМНЕ ја заврши трката заостанувајќи малку зад победникот. Една од главните теми на партијата во кампањата беше незадоволството од Договорот со Грција. Лидерот на партијата Христијан Мицкоски и неговите приврзаници избегнуваа да го користат името „Северна Македонија“ за време на кампањата и ќе продолжат да го прават тоа и во опозиција. Истовремено, ВМРО-ДПМНЕ не отстапува ни кога станува збор за напорите за решавање на долготрајните спорови со членката на ЕУ Бугарија, која врши притисок врз Скопје за отстапки во однос на она што двете страни сега го нарекуваат „заедничка историја“, вклучувајќи го и наследството на историските личности кои во двете држави се слават како национални херои, додава американскиот политички магазин.

Сепак, според „Форин Полиси“, популистичкиот национализам на овие избори не беше својствен само за десницата, посочувајќи дека левичарската партија Левица успеа да освои над четири проценти од гласовите и две пратенички места со „ветување дека ќе го раскине договорот со Грција, ќе ја повлече земјата од НАТО, па дури и дека ќе го поништи признавањето на соседно Косово“.

– Корупцијата, исто така, предизвикува сериозна загриженост. ВМРО-ДПМНЕ профитираше од скандалите поврзани со Социјалдемократскиот сојуз, вклучително и од случајот за корупција во кој беше вмешана специјалната обвинителка Катица Јанева, која беше назначена за испитување на злупотребите на високи функционери, наведува магазинот.

Но, според „Форин полиси“, ни десницата во земјата не е безгрешна кога станува збор за корупцијата, посочувајќи дека поранешниот премиер Никола Груевски од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, беше обвинет за проневера и тргување со влијание и осуден на затворска казна, но „избега од правдата наоѓајќи прибежиште во Унгарија“.

– Специјалното обвинителство во Северна Македонија, создадено од ЕУ во 2015 година, со цел да се поттикне одговорноста на високите функционери, доживеа крах поради аферата на Јанева. Во меѓувреме, новиот закон со кој се овластува јавниот обвинител да ги следи корумпираните политичари и нивните деловни врски, што Собранието го усвои како предуслов за добивање преговори за членство во ЕУ, допрва треба да ја покаже својата ефикасност. Следната влада без сомнеж реторички ќе ги поддржи реформите во владеењето на правото за да ја задоволи Европа, но нивното спроведување ќе остане предизвик, се посочува во анализата.

„Форин полиси“ оценува дека делумно проблемите со корупцијата се последици на фактот дека се прави компромис помеѓу меѓуетничкиот мир и начинот на добро управување, посочувајќи дека поделбата на власта меѓу политичките претставници на етничките групи е клучно за моделот во земјата.

– Албанците се втора по големина заедница и на последните избори Демократската унија за интеграција ја задржа својата лидерска позиција меѓу албанската заедница. И сега на Социјалдемократскиот сојуз му е потребна поддршка од оваа партијата за формирање на влада. ДУИ е далеку од безгрешна, но од неа повторно зависи кој ќе владее. Нејзиниот лидер Али Ахмети ги надмина конкурентите, вклучувајќи го и Движењето Беса, кое беше дел од коалицијата на социјалдемократите, играјќи на националистичката карта. Партијата инсистираше на тоа дека Северна Македонија треба да го добие првиот премиер Албанец. Дури и ако ова е трик за преговори, тоа барање може да ги засили етничките тензии, оценува магазинот.

Во анализата се посочува дека Северна Македонија може да се потпре на Запад, кој и самиот претрпе вистински промени и иако посветеноста на земјата кон НАТО не е доведена во прашање, пристапувањето кон ЕУ е причина за загриженост, бидејќи проширувањето веќе не е приоритет за самата Унија.

– За францускиот претседател Емануел Макрон, како и за другите евролидери, на прво место е внатрешната консолидација (на ЕУ), започнувајќи со реформа на еврозоната. Затоа Франција стави вето за старт на преговорите за членство со Албанија и Северна Македонија лани во октомври и даде зелено светло дури откако Европската комисија се согласи за промени во преговарачката рамка. На самитот ЕУ-Западен Балкан во мај – одржан преку видео конференциска врска – повеќе се зборуваше за „европска перспектива“, отколу за членство, детал што не помина незабележан во регионот, се додава во тексот.

Според магазинот, земјава веројатно ќе биде заглавена во преговорите за членство во поголем дел од следната деценија, што може да доведе со текот на времето да исчезнат реформската посветеност и подготвеноста за исполнување на барањата на Брисел.

– Засега, Северна Македонија игра по западното сценарио. Сепак, таа се бори во тешка битка во која лесната победа не е на повидок, заклучува „Форин полиси“.

Би можело да ве интересира

Усогласување на владината програма и распределба на кадри во преговорите меѓу СДСМ и ДУИ

Ана Ололовска

ВИДЕО: ВМРО-ДПМНЕ бара Антикорупциската да отвори случај за финансирање на изборната кампања на СДСМ

А1он

Уште пет дена за договор за нова влада

А1он

СДСМ: Продолжуваат разговорите за нова влада со полн четиригодишен мандат

А1он

СДСМ тврди дека преговара за Влада со стабилно мнозинство, ВМРО-ДПМНЕ бара да ги кажат имињата на партиите

А1он

ДИК изгласа да се зголемат надоместоците на избирачките одбори за 100 проценти

А1он