Министерот за здравство Венко Филипче изутрината се срена со младите лекари кои се на приватна специјализација на клиниките за нефрологија, гастроентерохепатологија, дерматовенерологија, неврологија, за уво нос и грло и Кожната клиника, кои сакаат доброволно да се приклучат во работата во ковид-центрите на овие клиники. Станува збор за триесетина млади лекари чија помош ќе биде добродојдена на инфективните одделенија, соопшти Министерството за здравство.
– Како министер за здравство и како лекар ценам што покажавте желба и спремност да се влучите во работата во ковид-центрите сега кога за тоа има голема потреба. Во тешки времиња се покажуваат желбата и спремноста на луѓето и тоа е за почит, рече министерот Филипче.
Во тек на денот, како што се истакнува, ќе се направи распоред за ротација на сите млади лекари и ќе бидат вклучени во работата во ковид-центрите.
Министерот Филипче потоа оствари средба и со претставници на млади лиценцирани лекари со кои исто разговараше за нивен ангажман во здравствените установи низ цела држава. До крајот на неделата треба да се допрецизираат условите на оваа група лекари за нивно приклучување во работата во ковид одделенијата и болниците низ државата, се додава во соопштението.