Поради се почестите слики од граѓани кои не носат заштита маска Министерството за здравство доставило предлог до Владата казнувањето да почне од утре или најдоцна од вторник. Министерот за здравство Венко Филипче вели дека забележале различни начини на непочитување на мерката за носење заштитна опрема.
„Некои ја носат маската спуштена под брадата или во рака. Министерството за здравство поради ова ваќе достави предлог санкционирањето за неносење да почне утре или во вторник. Оваа мерка мора да се почитува. Заштитната опрема треба да се носи во затворени простории и на отворено доколку не може да се одржи безбедната дистанца од два метри“, рече министерот Филипче.
Тој очекуваа оваа мерка доколку се почитува, да даде ист резултат како и останатите мерки и да се спречи раст на заболени кој од почетокот на кризата се држи под контрола.
Уредбата за задолжително носење заштитни маски Владата ја донесе на 22 април, а таа стапи на сила следниот ден, на 23 април со најава дека до 30 април оние кои нема да носат маска ќе бидат само опоменати. Казнувањето требаше да почне од 1 мај, но поради очигледното непочитување на мерката министерот Филипче извести дека побарал казнувањето да почне четири дена порано.
Казната за неносење маска изнесува 20 евра, а сите фирми се задолжени да обезбедат заштитна опрема за вработените и за гостите. Казната за фирмите што нема да обезбедат заштита е 2.000 евра.